Зоран Пејковски е новиот претседател на „Битолски книжевен круг“

На последното изборно собрание на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола за претседател е избран македонскиот писател Зоран Пејковски.

Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ го одржа своето изборно собрание на 18 октомври во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола, на кое со едногласна одлука за свој претседател го избра македонскиот писател Зоран Пејковски. Инаку во „Битолски книжевен круг“ членуваат 16 писатели, меѓу кои и академикот Владимир Костов, кои се членови на Друштвото на писателите на Македонија.

На изборното собрание избрани се и други тела кои функционираат во рамките на „Битолскиот книжевен круг“. Така што за секретар избрана е поетесата Мирјана Стојановска, а пак уредувачкиот колегиум, односно редакцијата на меѓународното Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на „Битолски книжевен круг“, ќе ја води писателот Михајло Свидерски – главен и одговорен уредник, како и членовите, писателот Никола Илијовски и поетесата Елизабета Јончиќ.

Ова е втор мандат на Зоран Пејковски. Тој првиот го извршуваше во периодот од 2015 до 2018 година, кога манифестацијата „Битолски книжевни паметења“ ја претвори во манифестација од меѓународен и награден карактер, кога всушност и за првпат во Битола присутни беа писатели и поети од повеќе Европски земји, како, на пример, од Франција, Полска, Чешка, Романија, Словенија, Хрватска, Србија, Словачка итн…. Веднаш по неговиот период функцијата ја презеде поетесата Елизабета Јончиќ, која успешно ја продолжи востановената практика и тенденција за успешно меѓународно растење.

– Поддршката од колегите е апсолутно значајна, и таа секогаш од нас бара повеќе ангажман за да се продолжи патот кон успехот на целиот писателски колектив. За мене посебно значење и емотивни моменти има и безрезервната поддршка на големиот и еден од најзначајните македонски писатели, академикот Владимир Костов, кој остава длабоки белези не само во македонската литература, туку и лично кон нас, кои професионално се занимавме со пишување – истакна Зоран Пејковски.

Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствениот натуралист во македонската литература.

Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.

Автор е на 24 сценско-драмски дела, на 25 збирки песни, еден роман, еден препев, четири научно – истражувачки книги од театрологијата, три публицистички книги и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот