ЗНМ и ССНМ: Враќање на одземениот буџет за нормално функционирање на МИА

Новинари /фото: МИА

Нов закон за Медиумската информативна агенција (МИА), враќање на одземениот буџетот и негово зголемување за наредната година и итна поддршка во напорите да се изнајде решение за непречено функционирање на странските дописништва на МИА, кои што се првиот филтер и алатка во борбата против дезинформациите, беше побарано денеска на прес-конференцијата на Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) посветена на финансиската состојба на државната агенција.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски подвлече дека потребна е итна поддршка во напорите да се изнајде решение за непречено функционирање на странските дописништва на МИА и наместо затворање на постоечките дописништва потребно е уште посилна мрежа на дописници, кои ќе работат во интерес на јавноста и во придонес на медиумскиот плурализам за прашања од јавен интерес за граѓаните.

МИА како генератор на вести и информативен сервис на граѓаните, треба да биде првиот филтер на информации за широката јавност и клучна алатка за борба против дезинформациите кои претставуваат се поголем проблем посебно во ерата на дигиталните медиуми. Затоа е нужно МИА да има силна дописничка мрежа не само во Македонија туку и од важните центри на случувања во светот и на Балканот.

Чадиковски рече дека со укинување на дописната мрежа на МИА од Брисел, Вашингтон и Атина директно се влијае и на нарушување на професионалните стандарди на новинарите, со што се губи објективноста при информирањето, се појавува ризик од непроверени, а со тоа и неточни информации.

На крајот жртви ќе бидат граѓаните и јавниот интерес, зошто единствен канал за информирање од овие земји ќе бидат странските канали, затоа Владата нужно е да има разбирање за овој проблем и итно да реагира со цел да се превенира штета, затоа бараме веднаш враќање на парите потребни за нормално функционирање на МИА.

Чадиковски подвлече дека е потребен и нов закон за МИА и оти ЗНМ, во своите редовни анализи кои ги изработува и кои се јавно достапни, пред речиси две години констатира дека законското решение кое се однесува на МИА е лошо и дека лесно може да се влијае на финансиската состојба на оваа агенција што и беше мотив за оваа денешна прес-конференција.

Владата има директно влијание во изборот на управувачките тела на МИА, што претставува проблем погледнато од аспект на независноста на медиумите од политичките центри на моќ. Така, Владата има дискрециско право во изборот и реизборот на директорот, односно на главниот и одговорен уредник и на членовите на Надзорниот одбор, а со тоа и влијание врз изборот на членовите на Управниот одбор. Тоа потенцијално значи дека Владата би можела да има влијание и врз уредувачката политика на медиумот посебно кога и Владата може да одлучи кога и колку пари ќе даде на МИА, како што е сегашниот случај, рече Чадиковски.

ЗНМ, додаде тој, е на ставот дека најсоодветен начин на организација на МИА е по примерот на јавниот сервис Македонската радио-телевизија, чиј основач и надлежна институција пред која полага одговорност е Собранието и оти во таа насока потребни се законски измени со кои ќе се гарантира дека владата нема да има влијание во изборот на менаџментот во МИА, а истовремено ќе се обезбеди модел со кој ќе се гарантира финансиската независност во работата на оваа агенција, која во моментов е под капа на Владата, а треба да биде државна.

Претседателот на ССНМ Павле Беловски ја повика Владата да изнајде модус за понатамошно соодветно функционирање на овој медиум, односно да ја преиспита одлуката поврзана со МИА, односно да го увиди значењето на работата на новинарите и медиумските работници од медиумската куќа и да направи се што е можно за да се обезбеди потребниот буџет за нејзино ефективно и ефикасно работење.

Особено во овој период на пристапување на Македонија кон ЕУ недозволиво е јавноста, односно граѓаните да бидат лишени од објективни и професионални информации од државите во кои се решаваат важни прашања како за иднината на ЕУ, така и за текот на преговорите за пристапување, рече Беловски.

Тој нагласи дека наместо денес да зборуваме за подобрување на условите за да може МИА да расте во пример за здрава работна средина, ние денеска зборуваме за пропаст и уназадување.

Изразуваме жалење што Владата не покажа чувство за посебноста и важноста на МИА како медиум кој е АД во државна сопственост, бидејќи работата на овој медиум пред се треба да се води од јавниот интерес и потребата за навремени и објективни информации што ќе им служат на граѓаните, рече Беловски.

Тој оцени дека овие мерки негативно ќе се одразат и на стандардот – социјалната и економска сигурност на вработените новинари и медиумски работници. Затоа изразуваме уште поголема загриженост дека овие мерки, односно скратениот буџет на МИА за наредната година ќе предизвика намалување на плати, намалување активности поврзани со производството на содржини, како и најмалку саканото отпуштање на новинари и медиумски работници.

Беловски повтори дека национална агенција не смее да си дозволи да нема дописништва во главните градови пред се на европските и соседните држави.

Членот на Извршниот одбор во ССНМ од МИА, Марина Илиевска кажа дека Синдикатот изразува загриженост поради одлуката за кратење на буџетот на МИА поради владиините мерки за штедење.

Укажуваме дека новинарите и медиумските работници, во интерес на јавноста и објективното информирање треба да бидат изземени од мерките за штедење, рече Илиевска.

Директорот на МИА Драган Антоновски, во одговор на новинарско прашање рече дека со оглед дека МИА цела година предупредува дека тие буџети што ни се доделуваат се апсолутно несоодветни, односно, вели, ние зборуваме за одржливост, а не зборуваме за инвестирање или за развој.

Одговорите од Владата се постојано дека – добро, ќе го имаме во предвид и сега има закажано средби да разговараме, меѓутоа суштината е што ние според буџетот што го добивме тоа е апсолутно неодржливо и недостасуваат некои 15 милиони за да можеме да работи со ова темпо. Ние не зборуваме за нешто плус, туку зборуваме за одржливост на ова што го имаме. И ние покренавме иницијативи веќе цела година, разговаравме со ОБСЕ, разговаравме да почне подготовка односно да се отвори дебата за закон за медиуми заради тоа што на овој начин како што било досега тоа подразбира дека сега ќе одобриме една сума, па потоа ќе скратиме од таа сума и на крај не знам дали ќе ги вратиме или нема да ги вратиме и тоа е лош концепт дефинитивно, истакна Антоновски.

Тој подвлече дека МИА е медиум, а не која било агенција, не е било која владина институција, при што природата на работата на МИА како медиум подразбира и празници и делници, и саботи и недели, а согласно Колективниот договор што го имаме, како што рече Антоновски, ние мора да исплатиме екстра сума за во недела, а тоа е екстра ставка во нашиот буџет.

Не можеме да одиме под тоа ниво, мораме да платиме и празнично, мораме да дадеме и слободни денови и она што за нас беше проблем сите овие години мора да има подмладок односно, луѓе кои нема да работат хонорарно со години, меѓутоа да се реши нивниот статус. Така што, начелно имаме разбирање дека се тоа треба да се среди, а во суштина ние го добивме тоа што сега го добивме, рече Антоновски.

Тој информира дека се закажани разговори, меѓутоа, посочи, МИА не можеме да излез надвор од тоа што го има.

-Вадиме некаков максимум од тоа што е на располагање согласно тоа нема многу филозофија во таа приказна. Едното е отпуштање што јас и како прв човек на Агенцијата го реков нема да го дозволам тоа или намалување на некаков ангажман времено, не трајно додека не се реши. Така што не станува збор само за неколку дописници. Добар дел од договорите на дописниците завршуваат на 31 декември. Новинарството знаеме сите дека подразбира изворно информирање од свој дописник на терен така што определбата е да МИА да расте, меѓутоа со овие средства тоа е неизводливо, подвлече Антоновски.

Тој рече и дека анализите покажуваат дека единствено можно решение е дефинитивно закон за МИА, што, како што нагласи има и поддршка од меѓународни институции. -Мислам дека е ставено во програмата на ОБСЕ мислам дека и кај ЗНМ е да го изразговараме кои се позитивни, а кои се негативни, да видиме што е како е, меѓутоа наша претпоставка е тоа – барем ќе имаш стабилност некаква и ќе знаеш со што располагаш, дека нема на половина година некој да ти ги повлече парите и да не можеш да го изреализираш барем тоа што си го планирал, кажа Антоновски.

Буџетот што е предвиден за МИА за следната година изнесува 48 милиони денари, што претставува значително намалување, ако се земе предвид дека за непречено функционирање на ова ниво на работа на медиумот се потребни 64 милиони денари, без натамошен развој и какви било инвестирања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот