Здружението „Култура Бета“ креира културна култура на независната и алтернативна уметност

Андреј Медиќ Лазаревски / Фотографија: Приватна архива

Младинското неформално здружение за култура „Култура Бета“ на 11 февруари, со почеток во 18.30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ организира настан по повод третиот роденден, а тоа беше повод и за средба со Андреј Медиќ Лазаревски.

Здружението „Култура Бета“ е волонтерски оформено за да понуди платформа за вмрежување на младите уметници, поети, филмаџии, музичари. Еден од основачите и главен и одговорен уредник на платформите на „Култура Бета“ (Култура β) е Андреј Медиќ Лазаревски.

Тој е студент на Институтот по филозофија на Филозофскиот факултет и на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Првата работа што ни ја откри во однос на постоењето на здружението е бета-та во насловот.

– Идејата зад бета-та во „Култура Бета“ нужно имплицира на тоа дека постои некоја култура која е „алфа“ и која би подразбирала некаква институционална, формална, „мејнстрим“ култура. Во бета-та е токму спротивното – вонинституционална, алтернативна, неформална, слободна, културна култура. Една ваква платформа нам лично ни беше и повеќе од потребна за да имаме простор каде што ќе можеме да ја пласираме нашата уметност, а многу се радуваме што кон неа се приклучуваат сѐ повеќе млади – открива Андреј Медиќ Лазаревски.

На 11 февруари, во кафе-книжарницата „Буква“, здружението ќе го прослави својот трет роденден. Во изминативе три години тие ги создадоа своите онлајн платформи каде што редовно се објавуваат содржини од секаков вид – поезија, кратки раскази, младински колумни, филозофски беседи, предлози на книги и филмови, како и осврти и импресии за нив, интервјуа, поткасти итн.

– Откако се стиши пандемијата реализиравме околу петнаесетина настани – три промоции на стихозбирки, неколку онлајн поетски читања, изложба, слушачка промоција на албумот „Pinhead“ на младиот бенд „Corrosion“, книжевно дружење со писателката Јулијана Величковска, како и три изданија на нашите поетски читања „Поетска епизода“, од кои третото издание беше на 50-ти роденден на МКЦ.

В сабота, на 11 февруари, го правиме првиот поголем настан по повод третиот роденден на „Култура Бета“, во чии рамки ќе се одржи четвртото издание на „Поетска епизода“ и ќе зборуваме за лирските елементи во романот „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска, а свој настап ќе има младиот бенд „Занаду“. Во текот на целата вечер ќе биде поставена изложба на поезија, фотографии и цртежи од повеќе автори. Во рамки на роденденот ќе биде пуштено во продажба и третото издание на студентското културно списание „Умник“ – објасни Медиќ Лазаревски.

Самиот е автор на стихозбирките „Беседење со неа“ („Дата Песнопој“, 2021) и „Молитвени дискурси“ („ПНВ Публикации“, 2022), учествувал во повеќе поетски читања, има објавено и четири статии во националното филозофско списание „Филозофска трибина“, а се занимава и со аматерско актерство и режија. Но, во рамките на здружението „Култура Бета“ не дејствува сам.

– Моментално во „постојаниот“ состав на „Култура Бета“ сме 10 луѓе што сме поделени на неколку области. Дел од нас покриваат книжевност, дел музика, дел филм, некои покриваат екологија, социјални теми, културни настани, а дел од нас го работат техничкиот сегмент – дизајни, вебсајт, монтажа на видеа, водење на платформата итн. Но, во работата на „Култура Бета“ постојано се вклучени и мноштво надворешни соработници, како фотографи и пишувачи на содржини. Важно е да се споменат и постојаните отворени повици каде млади автори може да ни испраќаат поезија и кратки раскази што ќе ги објавиме на нашите платформи.

Фокусот за работа во догледна иднина е ставен на организирање настани што ќе покриваат различни уметности. Следниот месец фокусот ќе биде на филмската уметност со студентските филмови како главен интерес. Во текот на целата година ја продолжуваме и рубриката „Лик на месецот“, која е насочена кон претставување на творештвото на еден автор или на еден бенд и во чии рамки организираме настан за тој автор. Исто така, во текот на целата година ќе си продолжи и „Поетска епизода“ со свои изданија – истакна Медиќ Лазаревски.

Четвртото издание на „Поетска епизода“ во рамките на третиот роденден на „Култура Бета“ ќе почне во 20 часот, овој пат со наслов „Од љубовта треба да се пазиме“, а љубовна и еротска поезија ќе читаат поетесите Д.А. Лори, Александра Спасеска, Ива Петревска, Јулијана Величковска од Македонија и Марија Костиќ од Србија. Модератори на епизодата ќе бидат Андреј Медиќ Лазаревски и Калина Качоровска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 166, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот