Збогум од ракометниот Роналдо

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Можеби голгетерскиот фудбалски рекорд во постигнати голови на Португалецот ќе биде урнат, но тешко некој да изброи до 1.482 како Лазаров во Лигата на шампионите. Освен ако во иднина и во ракометот не воведат „тројка“, како во кошарката.

Ракомет без Кирил Лазаров? Тешко e да се замисли! Сепак, 42-годишната спортска икона ќе ја заврши својата добро позната играчка кариера овој викенд, по финалето на францускиот куп со Нант. Она што го остава зад себе е вџасувачко наследство, исполнето со блескави бројки и рекорди во европските клупски натпреварувања. Еден од играчите што ја обликуваа физиономијата на ракометот во последните две децении – 1.596 гола во 283 натпревари во европските купови (од нив 1.482 во 252 натпревари во Лигата на шампионите) и 1.443 гола на 208 натпревари за неговата земја. Наследството на Лазаров ќе живее вечно!

Овие зборови не се на некој вдахновен Македонец, вљубен во корифејот на македонскиот хор, кој секој јануари во последниве 13 години ја пееше македонската химна,  бранејќи го со резултатот и националниот идентитет на линијата од шест метри. Воведов е, всушност, благодарницата што Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја објави на својата веб-страница, откако крај на играчката кариера за утре најави еден од најдобрите во историјата на овој спорт.

Спортфолио со повеќе од 5.000 гола

Не само Македонија, спортскиот свет се простува од својот ракометен Кристијано Роналдо. Можеби голгетерскиот фудбалски рекорд во Лигата на шампионите на Португалецот ќе биде урнат, но тешко дека некој ќе брои до 1.482 во ракометната ЛШ, освен ако во иднина и во ракометот не воведат тројка, како во кошарката. Уште два негови актуелни рекорда се ненадминати, веќе 13, односно 10 години – 92 гола на турнирот за Светското првенство 2009, односно 61 – на ЕП 2012. Овие две постигнувања, фудбалски гледано, го поистоветуваат и со легендите Жист Фонтен (голгетер на СП 1954 со 13 гола) и Мишел Платини (9 гола на ЕП 1984). Асистенциите и процентот на реализирани пенали, за жал, не му се евидентирани. Како што не можат да се пресметаат и вкупно постигнатите голови на официјални и пријателски натпревари. Ако ЕХФ собрала 3.039 само на меѓународни средби, веројатно уште најмалку две илјади постигнал во национални првенства и купови, откако како 14-годишник стана полупрофесионалец во велешки Борец и дебитираше за националниот младински тим, четири години помлад од своите соиграчи.

Освоените 56 трофеи, од кои 18 национални првенства и 19 национални купови во земјите ракометни велесили Хрватска (Загреб), Унгарија (Веспрем), Шпанија (Сиудад Реал, Барселона) и Франција (Нант), го прават Лазаров можеби и единствен во екипните спортови како гарант за пехар. Ретки се спортските величини што играле и за најголемите во Шпанија, т.н. „ел класико“ тимови, Атлетико Мадрид, односно (Сиудад) Реал наспроти Барселона. Токму со Каталонците ја освои единствената титула европски клупски првак.

Само тој самиот најдобро знае како постигнува телото да го слуша умот и во петтата деценија од животот, покрај сиот „минат труд“  од скршеници, скинати мускули, модринки, гребаници, крвави подливи, штипења, лакти во бубрези и во плексус, тегнења за дрес… Константната сеприсутност во еврокуповите од 1997 година до денес го прават Лазаров уникатен во ракометниот род и според долговечноста на теренот, особеност што го устоличува и со најголемите во спортот денес, од Роналдо, до тенисерите Федерер, Надал и Ѓоковиќ, сè до НБА-кошаркарот Леброн Џејмс, познати по спартанската самодисциплина. Ќе речете ракометот не е фудбал, тенис, кошарка… Да, во светски рамки. Не и за Македонците, кои немаат голем избор. Затоа тие малкумина заслужуваат достојна почит.

 „Седумка на лото“

Македонија ја доби својата „седумка на лото“ со четвртвековниот самопрегор на Лазаров во националниот дрес. И тоа го правеше на репрезентативен начин, како вистински капитен. Неговото (с)портфолио го круниса ракометот во Македонија во најпопуларен и во најплодотворен од сите колективни игри со топка и со меѓународно признат континуитет речиси деценија и пол. Како што самиот напиша на Фејсбук, „заминува со гордо крената глава, по 25 години на 13 големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите. Односно Давид против Голијат!“

Неговите современици Никола Карабатиќ, Домагој Дувњак и Микел Хансен се навистина голијати поради доминацијата на Франција, Хрватска и Данска во изминативе две и повеќе децении, но на клупско ниво ефектот во кариерата на поединецот треба да се мери и од аспект на „земјата на потекло“, во смисла на големина, знаење, пари, инфраструктура, меѓународен углед, логистика… Ако не друго, квалификативот на ЕХФ – најмоќниот левучар во Лигата на шампионите – го издвојува и пред овие ракометни императори.

Дури и кога играше „со една рака или нога“ немаше епизодна улога, влегуваше во игра макар пет минути. Најчесто последните пет, решавачките. Само добрите познавачи на спортот знаат што значи во тимот да се има играч од доверба кога треба да се упати решавачкиот удар. Или кога треба да се подметне рака и глава во „наковалната“ пред забранетата полна полукружна линија за да се избори пенал или исклучување. Вистинско чудо е што ретко и краткотрајно отсуствувал поради повреди, со оглед на тоа како играше на позицијата десен бек – постојано беше во „клештите“ на цврстите момци отспротива во еден од најгрубите т.н. контакт-спортови. Но, здравјето не му е од Бога дадено, и тоа се постигнува со професионализам и спортски аскетизам, синоними за жртвувањето на тие мали обични бесценети нешта во приватниот живот, како што се прегратки со семејството, на пример.

Да се брендира неговиот „изум“

Неговиот уникатен удар во контранападите, кога ги мами голманите со лажен замав откако веќе кришум ја испуштил топката што завршува во мрежата, треба да се брендира според неговото име, по примерот на Паненка-ударот од пенал во фудбалот. Репрезентативецот Филип Талевски неколкупати го повтори овој негов „заштитен знак“ за да продолжат да живеат ликот и делото на неговиот учител. Тие, пак, што на Лазаров му забележуваат дека бил послаб одбранбен играч и затоа не играл „во двата правци“, нека не заборават дека тоа бил избор и на тренерите поради неговата високооктанска потрошувачка во нападот, физичка, но и умствена, како неимар на цепелини, интелигентни додавања до пивотот и крилата и вкрстувања што ја излудуваат противничката одбрана и тренери. Конечно, намерно ја споменуваме и таа фалинка покрај толку фалење, затоа што, нели, совршенството не постои.

Денес заслужената пензија е само потпис на селекторскиот договор со него, од кој очекуваме големи дела – науката (има тренерска про-лиценца) и акумулираната 25-годишна емпирија во неговото си-ви да се излее во медал на македонски гради (инаку, негов неостварен сон), кој ќе го носат негови ученици на некој светски или европски ракометен самит на врвот. Како што му доликува на спортист со таков опус, Лазаров отвори ракометна школа во земјава, а заедно со Живко Мукаетов, застана и зад проектот РК Алкалоид, кој би требало да биде инкубатор за македонски таленти.

„Секогаш на победа“ е насловот на книгата чиј автор е, за да потврди дека е талентиран и за поинаков вид творештво. Насловот како да излегол од устата на покојниот Благој Лазаров, татко на Кире, кој секогаш ќе му остане првиот учител и ментор. Заедно играа во РК Овче Поле во родното Свети Николе, кога Благој од мал го учел како да исфрла катапулти од девет метри. На асфалтното игралиште никна зародишот на неговото неформално образование, за да расцвета со впивање енергија, идеи, техники и тактики од врвни тренери, како Лино Червар, Талант Душебаев, Веселин Вујовиќ, Чави Пасквал, Раул Гонзалес… А од што како резултанта произлегуваат немерливите, но суштински елементи – лидерството, менталната сила, креативноста во играта, моќта да се хомогенизира тимот, сè што го красеше како играч.

Една кариера, играчка, завршува, втората – тренерска, е на почетокот. Ни помалку ни повеќе, туку како селектор. Што може да биде и меч со две острици. Првата задача на диригентот од клупата на Македонија ќе биде да направи успешна смена на генерации. Да му посакаме и четврт век успешен тренерски живот. Зашто, само најдобрите траат!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот