Заживување на концертниот живот во Полошкиот регион со Лешочкиот камерен музички фестивал

Одржувањето фестивали на необични и атрактивни локации е од особено културно значење за една земја

Третото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал ќе се одржи во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во манастирскиот комплекс во село Лешок на 15 и 17 септември и во двете фестивалски вечери ќе има по два концерти.

Министерството за култура и годинава финансиски го поддржа одржувањето на Лешочкиот камерен музички фестивал, а комисијата за музичко-сценска дејност, по успешното одржување на фестивалот минатата година, овозможи тој да биде едно од културните обележја на Полошкиот регион во иднина.

– Целта на фестивалот е приближувањето на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, како и промовирање истакнати и млади музички уметници од Полошкиот регион, со едно гостување од странство. Воедно овој фестивал претставува и промоција на регионот, во кој настаните од ваков вид се во многу мал број. Идејата за фестивал на необично и егзотично место тлееше во нас веќе подолг период и многу сме среќни што во 2021-ва година успеавме за првпат да го реализираме.

Инаку, одржувањето вакви фестивали на необични, атрактивни локации, е од особено културно значење за една земја и веќе многу години се во тренд во сите поразвиени земји во Европа. Од нашето долгогодишно искуство како концертни уметници кои настапуваат во странство, забележавме дека многу фестивали се организираат на необични, планински, егзотични места што се од особено културно значење за регионот, како, на пример, Вербиер во Швајцарија, но и многу фестивали во Италија, Франција, Германија и во скандинавските земји.

Покрај заживувањето на концертниот живот во Полошкиот регион, мотото на фестивалот е – Зближување преку уметноста – приближување на различни култури преку универзалниот јазик на музиката, посебно на двете најголеми етнички заедници во овој регион, македонската и албанската. Оваа наша идеја ја поддржа диригентот проф. Ивица Зориќ, на чија иницијатива е направена убава концертна сала во Лешок со клавирот на нашиот доајен Тодор Скаловски – Тетоец – истакна Маја Шутевска-Кировска, која заедно со Љубиша Кировски се организатори на фестивалот.

На свеченото отворање на фестивалот на 15 септември на првиот концерт во 18 часот ќе настапи гудачкото дуо Сања Смилеска-Михајловски на виола и Михајло Михајловски на виолина, додека на вториот концерт од 19 часот ќе настапи дуото Шкељзен Пајазити (виолина) и Јетмир Мехмеди (гитара). Сања и Шкељзен потекнуваат од Полошкиот регион и со тоа идејата за промоција на уметници од тој регион продолжи и оваа година, додека Јетмир работи во Тетово.

На втората фестивалска вечер на 17 септември првиот концерт во 18 часот е резервиран за младите музички уметници Мила Николовска-Ѓумар (сопран) и Ана Гаштаровска (пијано), а на вториот концерт ќе настапат гостите од Бања Лука Иван Оташевиќ на виолина и Снежана Поповиќ-Вулета на пијано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот