Завршница на „Танц фест 2023“ со „Одења и слични кореографски решенија“

Фестивалската програма на „Танц фест 2023“, која се одвива со мото „Танцувајќи создаваме иднина!“, ќе биде затворена на 28 април, на малата сцена на Националната опера и балет, каде во 20 часот ќе биде изведена претставата „Одења и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски.

Во годинашната програма на 19. издание на фестивалот, публиката имаше можност да ги види извонредните танчери на танцовата компанија „Кодартс“ од Холандија, „Далас блек танцовата компанија“ од САД, како и гости од Италија, Словачка, Романија и Грција.

Беа претставени домашните продукции на Скопје танцовиот театар: „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин, „Табу република“ на Бобан Русески, „Блокови“ на Дејан Битровски и „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска, како и независната продукција „Код #9“ на Ивана Балабанова.

Во склоп на програмата се изведе и проектот „Dance communication“ во соработка со „Далас блек танцовата компанија“ со настап на 30 млади танчери од повеќе градови од земјава, а во дел од претставите учествуваа и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.

Со претставата „Одења и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски ќе биде затворена програмата. Пред почетокот на претставата, во чест на Светскиот ден на танцот, кој е на 29 април, Иванка Апостолова Башкар, претседателката на Македонскиот центар на ИТИ, ќе ја прочита македонската порака, која годинава ја напиша Александар Георгиев.

Режисер и кореограф на „Одења и слични кореографски решенија“ е Филип Петковски, а во претставата учествуваат Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Сара Цветковска, Давид Николовски и Борјан Ристовски. Музиката е на Давид Николовски, Виктор Филиповски, Горјан Стојменовски и Сашко Костов, а костимите на Антонија Гугинска Јорданоска.

За претставта Петковски вели дека „инспириран од бројни теоретизации за концептот кореографија, во шест слики, тој критички и телесно го преиспитува процесот на создавање на кореографија, користејќи го одењето како најбазичното човеково движење од кое почнува и се раѓа телесно структурирање. Служејќи се со ритмика, физички театар и танц, претставата упатува критика кон потребата за спектакл заснован на комплексен танцов вокабулар и напорен тренинг за танцот да биде промулгиран и сметан за висока уметност“.

Филип Петковски е кореограф, режисер и доктор на науки по културолошки студии и изведбени уметности. До 2020 година, Петковски работи како асистент на Катедрата за светска уметност, култура и танц на УКЛА, a се јавува како режисер на девет театарски претстави во Македонија, Норвешка и САД.

Неговите кореографии „TrOp“ од 2014 година и „Common Ground“ од 2015 години се премиерно изведени во Сегед, Унгарија, и Лондон, Англија, додека „Популус“ и „Елегија во пет здива“ премиерно беа прикажани во 2022 година на „Танц фест Скопје“ и во театарот „Ј.Х. Џинот“ – Велес.

Освен со изведбени уметности, Филип се занимава и со научно-истражувачка дејност и е автор на повеќе научни трудови објавени во интернационални зборници, каде што истражува теми поврзани со танцот, културното наследство, идентитетот и национализмот.

„Танц фест Скопје“ е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, „Виталија“, „Бовин“ и мeдиумските партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот