Започнува финалната битка за пласман во АБА лигата, Сутјеска е првиот предизвик за МЗТ Скопје

Сутјеска е противникот на кошаркарите на МЗТ Скопје на завршниот турнир/фото: КФСМ

Денеска во СЦ „Јане Сандански“ осум екипи ја започнуваат битката за пласман во најквалитетното регионално кошаркарско натпреварување, АБА лигата, а меѓу нив е и македонскиот шампион МЗТ Скопје.

Токму „металците“ се домаќини на завршниот турнир во АБА2 лигата, а на него стартуваат од првата позиција бидејќи имаа најдобар скор на турнирите од регуларниот дел од сезоната (10-3).

Прв противник на МЗТ Скопје е екипата на Сутјеска, натпреварот ќе започне од 18 часот, а „металците“ имаат дополнителен мотив.

Регуларниот дел од сезоната, „металците“ го завршија со само три порази, а еден од нив беше токму од Сутјеска, црногорскиот тим во осмото коло славеше со 56:55.

Тренерот на МЗТ Скопје Александар Петровиќ вели дека приоритет е освојување на титулата и влез во АБА лигата, а не одмазда за поразот.

– За мене како тренер приоритет е влез во АБА лигата. Затоа титулата во АБА2 лигата е најбитна, не само за МЗТ Скопје туку и за македонската кошарка. Мобилизрани сме за таа цел. Распоредот е тежок, три меча во пет дена. Но играме дома и треба тоа да го искористиме на најдобар начин, за да го вратиме МЗТ Скопје  во АБА лигата – ни изјави Петровиќ во разговор неколку дена пред стартот на турнирот.

Турнирот започнува точно на пладне со натпреварот Борац Бања Лука – Младост.
Денеска ќе се играат натпреварите од четвртфиналето и тоа по принцип првиот со осмиот, вториот со седмиот, третопласираниот и шестопласираниот и четвртиот и петтиот тим од регуларниот дел од сезоната.
Полуфиналните натпревари ќе се играат в петок, додека средбата која ќе го даде патникот во АБА лигата ќе се игра во недела.

Денеска играат:
Борац Бања Лука – Младост (12 часот)
Хелиос Санс – Златибор (15 ч.)
МЗТ СКОПЈЕ – Сутјеска (18 ч.)
Широки Бријег – Спарс (21 ч.)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот