Залез на младоста во Земјата на изгрејсонцето: Јапонија лани изгубила 800.000 жители

Јапонија забрзано старее - Фотографија Profimedia

Се затвораат училишта, 1,2 милион мали бизниси се во сопственост на пензионери без наследници, па дури и во подземјето, има повеќе гангстери на возраст од 70 години отколку на 20

Сите 47 јапонски префектури денес имаат помалку жители отколку лани, а Јапонија во целост изгубила 800.000 жители, покажуваат нови податоци од Министерството за внатрешни работи.

Новите податоци покажуваат дека во 2022 година во Јапонија починале 1,56 милион луѓе, а се родиле 771.000 бебиња, најмалку откако се води прецизна евиденција. Зголемувањето на имиграцијата од 2,7 на 2,99 милиони не придонесло за намалувањето на вкупната популација, веќе 14 години по ред. Во 2022 година Јапонија имала 122,42 милиони жители.

Јапонија беше една од првите развиени земји во кои се намалуваат популацијата и наталитетот, но демографскиот пад сега веќе е сериозно загрижувачки поради изразаното стареење на нацијата. Како ни многумина премиери пред него, и Фумио Кишида настојува да спроведе политики за заздравување на популацијата.

– Сега или никогаш. Нашата нација е на работ. Нема да можеме да го одржиме функционирањето на општеството – предупреди премиерот Кишида во јануари.

Депопулацијата се одразува во сите општествени сфери. Се зголемува бројот на пензионери, а се намалува бројот на вработени што ги издржува. Се затвораат многу училишта во реони каде што воопшто нема деца. Сопственици на 1,2 милион мали бизниси се луѓе на возраст од седумдесетина години, кои немаат наследници. Програмите на телевизиите сѐ повеќе се насочени кон пензионери, а во економско-пропагандниот простор има сѐ повеќе реклами за суплементи против болки во зглобови, па и за погребни услуги.

Погодено е дури и озлогласеното подземје, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. Повеќето јакузи се на возраст над 50 години, а има повеќе гангстери на возраст од 70 години отколку на 20. Тренд во порноиндустријата се актери на возраст од над 60, па и над 80 години.

На денот на шегата, 1 април, премиерот Кишида ја промовираше Агенцијата за деца и семејства, во која ги обедини сите служби што се поврзани со демографскиот пад. Владата најави дека двојно ќе ја зголеми финансиската поддршја за децата и за таа цел ќе издвои 4 отсто од бруто-националниот производ. Забележани се позитивни ефекти во 300 помали градови, во кои е повеќе изразена финансиската поддршка и подобрувањето на условите за грижа за децата. Откако Наги објави исклучително поволни услови, ова место во префектурата Окајама поттикна имиграција на многу млади двојки од други региони, но и таму популацијата се намалила.

Од сличен проблем страдаат многу други развиени земји. Просечниот фертилитет во земјите од ОЕЦД е 1,66 што е далеку од индексот 2,1 потребен за одржување на популацијата. Во Јапонија и во Тајван секоја жена раѓа просечно по 1,24 бебиња, а во Јужна Кореја стапката на фертилитет е само 0,78, најниска во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот