Загрижувачка најава од ОН: Периодот од 2023 до 2027 ќе биде најтопол до сега

Фото: EPA-EFE/MAST IRHAM

Светската метеоролошка организација најавува дека периодот од 2023 до 2027 година ќе биде најтоплиот регистриран период до сег, пишува српскиот Нејшнал географик.
Ова ќе се случува поради комбинираното влијание на штетните гасови со ефектот на стаклена градина и метеоролошкиот феномен Ел Нињо, што ги зголемува температурите, предупреди Светската метеоролошка организација (СМО), дел од системот на Обединети Нации (ОН).

Температурата наскоро ќе ја надмине најамбициозната граница од Парискиот климатски договор, предупреди Светската метеоролошка организација.
Парискиот климатски договор од 2015 година ја наведе целта да се ограничи зголемувањето на просечната температура на планетата под два степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година, ако е можно на 1,5 степени Целзиусови во споредба со тие нивоа.

Фото: EPA/MADE NAGI

„Постои 98 отсто веројатност дека барем една од следните пет години, како и тој вкупен петгодишен период, ќе биде најтоплиот досега “, велат од СМО.

Организацијата проценува дека има 66 отсто шанси просечната годишна температура на копно да ги надмине прединдустриските нивоа за 1,5 степени Целзиусови барем во една од следните пет години.

Податоците објавени денеска не значат дека преминувањето на границата од 1,5 степени Целзиусови од Парискиот договор, што се однесува на долгорочно затоплување во текот на неколку години, ќе остане трајно, се вели во соопштението на генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (СМО), Петери Талас.

„Сепак, СМО алармира, објавувајќи дека границата од 1,5 степени Целзиусови ќе биде привремено надмината и дека тоа ќе биде сè почесто “, рече тој.

Тој рече дека во наредните месеци се очекува епизода од метеоролошкиот феномен ЕЛ Нињо и дека тоа заедно со климатските промени предизвикани од луѓето, ќе предизвикаат температурата во светот да се искачи на невидени нивоа.

Фото: EPA/Narendra Shrestha

Не оставајќи било каква илузија за сериозноста на ситуацијата, финскиот експерт инсистираше на тоа дека треба да се подготвиме, бидејќи последиците ќе бидат значајни за здравјето, безбедноста на храната, управувањето со водите и животната средина.

Ел Нињо е природен климатски феномен кој обично се поврзува со пораст на температурите, зголемена суша во некои делови од светот и обилни дождови во други. Последен пат се соочивме со тоа во 2018-2019 година, а потоа имаше особено долг период на уште еден феномен што предизвикува спротивни ефекти и пад на температурата.

На почетокот на мај, Светската метеоролошка организација процени дека има 60 отсто шанси ЕЛ Нињо да се развие до крајот на јули и 80 отсто шанси тоа да се случи на крајот на септември.
Како по правило, Ел Нињо ги зголемува светските температури во годината по неговото појавување, во овој циклус тоа би била 2024 година.
Гасовите со ефект на стаклена градина, кои се на рекордно ниво, собираат топлина во атмосферата и ја зголемуваат температурата.

„Просечните температури во светот ќе продолжат да растат и ќе не оддалечуваат од климата на која сме навикнати “, рече Леон Хермасон, експерт во британската метеоролошка служба.

Просечните глобални температури на површината на копното и морето се зголемуваат од шеесетите.
Според СМО, во 2023 година се очекува просечните температури да бидат повисоки од оние во периодот 1991-2020 година во речиси сите региони освен Алјаска, Јужна Африка, Јужна Азија и некои делови на Австралија. Некои делови од Тихиот Океан веројатно ќе бидат посвежи од просекот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот