Заев се повлекува од лидер на СДСМ, нова влада до Нова година?

Зоран Заев, Африм Гаши (1)
Средба Заев-Гаши / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Премиерот најави дека утре, на седници на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, ќе се констатира неговата оставка и ќе почне постапката за избор на нов партиски лидер. Без разлика дали расплетот ќе биде ново парламентарно мнозинство со пратеници и од Алтернатива за формирање нова влада, или предвремени парламентарни избори – реализацијата ќе потрае.

Неделава е клучна за разврската на политичката криза што настана по локалните избори и остаката на премиерот Зоран Заев, но без разлика дали расплетот ќе биде ново парламентарно мнозинство со Алтернатива за нова влада, или предвремени парламентарни избори – реализацијата ќе потрае.

Заев по средбата во петокот со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, најави дека утре, на седници на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, ќе се констатира неговата оставка и ќе почне постапката за избор на нов партиски лидер. Гаши, пак, најави дека утре партиските органи ќе дискутираат дали ќе останат во опозиција или ќе ја прифатат поканата за членство во Владата за да се истурка целиот мандат до 2024 година.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, која за еден пратеник не успеа да обезбедни мнозинство и евентуално да состави своја влада, единствениот излез се – предвремени парламентарни избори.

Алтернатива ќе одлучува утре

По партиските состаноци се очекува да продолжат разговорите меѓу СДСМ и Алтернатива, доколку опозициската партија одлучи да влезе во власта. Во СДСМ, пак, ќе почнат подготовките за избор на нов партиски лидер на непосредни партиски избори, кој според Заев, треба да биде и идниот мандатар што ќе ја состави новата влада.

– Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни. Продолжуваат разговорите следната седмица. Како нешто ќе утврдиме, така и ќе ја информираме јавноста – рече Заев по средбата со Гаши во Клубот на пратениците.

Според него, поделеноста во Алтернатива дали да се влезе во извршната власт или не е логична, затоа што пред десетина дена партијата беше во офанзива за соборување на Владата.

– Но дефинитивно одговорноста пред државата ги исправува да бидат отворени дебатите и во органите и во телата на Алтерантива за идното нивно вклучување или опстојување како опозиција. Од тој аспект, и СДСМ, а и сите други наши партнери, ќе треба да ги разгледаат тие важни аспекти – рече Заев.

Гаши рече дека имале отворена дискусија за тоа како мнозинството ја гледа Алтернатива, но за двете опции што се пред нив ќе дискутираат во партиските органи врз основа на аргументи.

– Имавме отворена дискусија и јас сум убеден дека ќе ја донесеме најдобрата одлука за сите нас. Алтернатива, имајќи ја предвид сериозноста на политичката ситуацијата, има обврска да го види концептот на Заев за надминување на оваа криза. Како претседател на Алтернатива, јас имам обврска да ги разгледам двете опции. Ќе дискутираме што е подобро за интересот на земјата, граѓаните, Албанците и, секако, на Алтернатива – изјави Гаши.

Според дел од аналитичарите одлуката на Алтернатива дали ќе влезе во Владата ќе зависи од распределбата на министерските места и колку меѓународниот фактор ќе притисне за да се создаде парламетнарното мнозинство. Други пак, сметаат дека одлуката на раководството нема да зависи од министерските и директорските позиции, туку од тоа како партиските поддржувачи ќе реагираат на нивното учество во коалиција во чиј состав е и ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ викендов порачаа дека Алтернатива пред себе има две опции – или да го послуша гласот на граѓаните кои на локалните избори гласно се спротивставија на политиките на актуелната влада или да тргне по позиции и со тоа да се претопи во криминално милје на Заев.

– Ако Алтернатива мисли дека треба да биде дел од влада на СДСМ и ДУИ и на сето она што тие како багаж го носат со себе, криминал, корупција, сиромаштија, тогаш навистина искрено жалиме. Во моментот Владата опстојува врз основа на киднапиран пратеник, на кој му пропаѓа оправдувањето што тој го даде, а тоа е добивање на датум за преговорите со ЕУ – рече портпаролката на партијата Марија Митева.

Според ВМРО-ДПМНЕ, заминувањето на Заев не значи и заминување на заевизмот, односно „со неговото повлекување и поставување на негови пиони нема да се смени ништо“.

– Соочени сме со економска, енергетска, здравствена криза. Има и инфлација, а и не сме на патот кон ЕУ. Оттука, Заев не може да ги постигне резултатите. Затоа избрите се решение – рече Митева.

Од СДСМ, пак, се уверени дека ќе обезбедат стабилно парламентарно мнозинство.

Кој ќе го наследи Заев?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера од Охрид не сакаше да коментира за оставките на Заев и неговиот наследник.

– Дали ќе си даде оставка или не, нема да коментирам. И досега тој кажал, па порекол, оставаме да одлучи, да почекаме до вторник. Во врска со тоа кој ќе го замени, нели тој самиот брифирал дека оној што ќе биде со него на средбата со Гаши е негов фаворит за лидер и мандатар. Не се мешаме во работата на СДСМ, ние сме фокусирани на тоа да го исполниме она што сме го ветиле пред граѓаните – рече Мицкоски.

На средбата во петокот, Заев дојде со заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој е член на ИО на СДСМ, колега на премиерот од факултетските денови. Викендов тој не сакаше да коментира за медиумите дали ќе се кандидира на внатрепартиските избори во СДСМ и дали се гледа себеси како иден мандатар, туку рече дека учествувал во разговорите со Гаши со цел да се обезбеди мнозинство кое ќе ја води земјата напред.

– Во овој момент не сметам дека сум најважен јас, туку пред сè иднината на земјата. Така размислува СДСМ, државата и граѓаните. Ги почитувам одлуките на органите на партијата и нема да коментирам можности и веројатности, сè додека СДСМ не распише внатрепартиски избори. Сите треба да имаме политичка и етичка почит кон претседателот Заев и кон одлучните и храбри чекори, кои заедно, сите граѓани, мораме да ги продолжиме на патот кон нашата подобра иднина – изјави Ковачевски за „Сител“.

Кои се опциите

Ако биде обезбедено мнозинство Заев најави дека ќе се повлече од премиерската позиција, со што, според Уставот, во оставка ќе биде целата влада. Потоа претседателот има рок од 10 дена да го даде мандатот на коалицијата што има мнозинство, мандатарот има 20 дена за составување на владата, а потоа Собранието има рок од 15 дена за свикување на седницата на која треба да се изгласа владата. Ова значи дека новата влада може да се очекува дури при крајот на годината.

Ако не се обезбеди мнозинство, една од опциите се предвремени парламентарни избори, но експертите сугерираат дека решенија што треба да се разгледуваат се и широка влада, експертска влада, па и малцинска влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот