Заев и Гаши смислуваат „алтернативно“ министерство!?

заев гаши
Средба Заев-Гаши / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Идејата е на некое министерство да му се додаде „помошна формулација“ за тоа да „добие на тежина“ и така впечатокот би бил дека Алтернатива, исто како и ДУИ при формирањето на Владата, избоксувала нешто на ранг на вицепремиерско место.

Преговорите за влез на опозициската Алтернатива во Владата запнале кај ресорот здравство, но и кај бројот на министри и на заменици-министри – лидерот Африм Гаши бара по тројца, а премиерот Зоран Заев прифаќа по двајца. Соломонско решение, кое допрва треба да добие виза и од владиниот партнер Али Ахмети, е некое министерство да се засили со дополнителни ингеренции за да може Алтернатива да се задоволи со две министерски позиции, изјави за „Слободен печат“ висок функционер од Алтернатива.

На вчерашната средба помеѓу Заев и Гаши имало многу промени и разлики помеѓу тоа што било побарано и тоа што владината коалиција можела да го исполни, па сега на маса се ставени нови комбинации, за кои Заев повторно ќе треба да се консултира со партнерите. Алтернатива и натаму инсистира прв човек на здравство да биде генералниот секретар на партијата, стоматологот Беким Сали. Заев, пак, не се откажува така лесно од Венко Филипче, со образложение дека министерот го истуркал најтешкиот период со пандемијата и не било во ред сега да биде сменет. Според тоа, фотелјата на Филипче ќе биде тема и на следната нивна средба, за која сè уште не е одреден термин, но не се исклучува таа да се случи денеска.

Тесното раководство на Алтернатива ги разгледало досегашните резултати од разговорите. Нашиот соговорник од партијата вели дека Алтернатива би попуштила и би прифатила две наместо три министерски места, ако помине предлогот на одредено министерство (не открива кое) да му се додаде „помошна формулација“ за тоа да „добие на тежина“. Објаснувањето е дека на тој начин впечатокот би бил дека Алтернатива, исто како и ДУИ при формирањето на Владата, избоксувала нешто на ранг на вицепремиерско место.

За потсетување, при формирањето на актуелната влада првпат беше востановена функцијата прв вицепремиер. Така Артан Груби од ДУИ, освен што стана министер за политички систем и за односи меѓу заедниците беше избран и за прв вицепремиер. Сега се преговара слична опција, односно идниот министер од Алтернатива да има „дополнителни“, зголемени ингеренции. Од партијата сметаат дека оваа варијанта е изводлива бидејќи со влегувањето на Алтернатива во власта ќе се формира нова влада.

Неофицијално, Заев ги нуди министерствата за труд и социјала, образование и за култура. Од Алтернатива повторуваат дека се заинтересирани информатичко општество, труд и социјала, образование, култура, транспорт и врски и земјоделие и дека тие се во комбинација и за министерски и за заменик министерски места. На распределба чекаат и директорските позиции.

По последната средба помеѓу Заев и Гаши, Владата информира дека е констатиран „евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт“.

И лидерот на Алтернатива, Гаши, во куса изјава по средбата кажа дека има напредок и следуваат консултации во партиите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот