Враќањето на Џедајот (Заев)!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во македонската демократска историја нема друг политичар кој може да се спореди со притисоците што се вршени врз него, и според нивниот интензитет и личната омраза, но и според – до сега – неуспехот на таквите офанзиви.

Вчера се случи така, речиси истовремено додека Зоран Заев се обраќаше до нацијата, во Софија госпожа Екатерина Захариева да ги повтори, со избрани зборови, сите ултимативни, а и безвремено навредливи барања заради кои Софија вложи вето за формалниот почеток на македонското интегрирање во ЕУ – уууупс, настрадавме, самото спомнување на зборот „вето“ се смета за „говор на омраза“ од Скопје кон Бугарија! – а лидерите на парламентарната опозиција во Македонија Христијан Мицкоски и Зијадин Села да побараат веднаш и безусловна оставка на оваа Влада, заради „катастрофата“, во сите најтемни нијанси на каталогот на обвинувањата, до која е доведена државата.

Во пишаниот говор на Мицкоски со барањата за оставка има повеќе обвинувања за сметка на потфрлањата и неспособноста на власта од она што физички би можело да се собере во само 100 дена од функционирањето на оваа Влада во сите нејзини ресори и дирекции, а и предложената операционализација на таа оставка е малку чудна: таа треба да се поднесе на итно свикана лидерска средба кај Пендаровски, а дури ако тоа не случи, да следува падот на Владата во Собранието… Хмммм, развил Мицкоски прилично оригинален модел за доаѓање на власт, којзнае од кои калкулантски причини.

Згора на сето тоа, вчера беше и меѓународниот Ден за борба против корупцијата за која прилика критичарите на власта распалија од сите орудија за (не)постигнувањата на властите во оваа сфера, од кои претседателката на ДКСК Биљана Ивановска настапи со низа сериозни забелешки после кои власта би требало да си ги „спакува куферите“ доколку сака, на заминување, да си го одбрани извалканиот антикорупциски образ.

Тоа е нешто слично на ставот на претседателот Пендаровски кој отворено ја обвини власта дека лошо се справува со здравствените ефекти на пандемијата, всушност полошо и од проблематичните нивоа на таквите здравствени политики во регионот.

Перфектна бура! Заев е под голем општ домашен и бугарски притисок за демисија!

Тоа се рефлектираше во 15-минутното браќање на Заев до нацијата (една комбинација од „народе мој“ и „сите граѓани“ на Републиката) во кое видовме едно винтиџ-издание на премиерот: консолидиран говор со борбени пасажи, со самоувереност и директни поименични пораки за дома и надвор, „без ракавици“ и без премногу влакна на јазикот, но со сочуван економско-политички оптимизам и најава дека, наспроти сите Сцили и Харибди, „бродот Македонија“ плови кон подобро утре!

Не звучи претерано ако се каже дека, откако е влезен во политиката, а секако во последните 5-6 години, Зоран Заев константно работи во „ненормални“ услови, во кои бројните опоненти на неговите политики (ги има разни, не се сите ни злобни, ни лични) се обидоа со сите легитимни и поинакви техники – до отворени разновидни закани, бројни обиди за валкани дискредитации и добар ќотек во Собранието – за да го спречат неговиот успешен политички поход во Македонија.

Во македонската демократска историја нема друг политичар кој може да се спореди со притисоците што се вршени врз него, и според нивниот интензитет и личната омраза, но и според – до сега – неуспехот на таквите офанзиви. Неговите противници приватно се жалат дека Заев е намачкан со толку зејтин, што нема пеливански зафат – а и негов кадровски или политички гаф! – од кој тој не успева вешто да се извлече, колку тие и да му го стегаат вратот.

А кога тој нив, потоа, ќе ги „легне на грб“, следуваат негови искрени извинувања, барања за прочка, понуди за помирување, што на противниците им го одмилува денот до пладне, а попладне уште полути пак се собираат за одново да ја конспирираат неговата политичка смрт. Тоа речиси емпириски може да се измери со динамиката на пропагандната хистерија против Заев на социјалните мрежи.

Всушност, неговиот вчерашен настап заличува на објава дека Џедајот (Заев) се враќа на сцената за да ја одбрани честа на реформите и националниот („народно-граѓански“) прогрес со нова фајтерска енергија и обновена нота на бескомпромисност.

Дали е тоа можно?

Тоа е погрешно прашање кога е Заев во прашање. До сега, белки, научивме дека тој ги дефинира границите на можното, дури и кога повеќето опоненти, а и поддржувачи, ќе се согласат дека е неможно. Колку е поголем притисокот врз него, толку е поголема истиснатата енергија со која тој функционира. А и тимот околу него не покажува знаци на неусогласеност, без што политичкиот опстанок на Заев би бил далеку понеизвесен.

Штета е што немаме релевантни мерења на расположението на јавноста во однос на Заев и неговите политички опоненти. Не би се зачудил доколку предноста е сè уште на негова страна. Бидејќи, митот за „џедаите“ е проверена холивудска победничка формула која не зависи од тоа какво високо мислење има за себе, во сопственото огледало, „Империјата на злото“.

Франшизата продолжува.

Преземено од Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот