Водопадите на Македонија: Места со волшебна убавина

Facebook

Македонија крие многу природни убавини, кои изгледаат како места од бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.

Сипковски водопади – Пехчево

Овие седум водопади се сместени во густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини кај изворите на Брегалница. Само два од нив и припаѓаат на Брегалница, а другите пет се наоѓаат на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Сипковски Андак. Водопадите се лоцирани во месноста Валевичка Река, а до нив се изградени пешачки патеки кои ги сечат рекичките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите.

Facebook

Водопад Длабока Река – Кораб

Кањонот на Длабока Река влегува во составот на национален парк „Маврово“ и во 1952 година е прогласен за строго заштитено подрачје. Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб, а во горниот тек на реката е формиран прекрасен водопад, кој со висина од околу 130 метри, е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на месеците јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода. Патеката до водопадот оди по течението на реката, претежно низ шумски предел со импровизирани премини преку реката.

Facebook

Водопади на Ѓеневица

Највеличествен дел на реката Ѓеневица, која е утока на Радика, претставува најзиниот кањон, кој не е целосно пристапен, заради тешкиот терен. Картсната област Езериште e поле со група на мали езерца во северозападниот дел на планината Бистра, неколку километри северно од Галичник. Иако се наоѓаат на релативно голема надморска височина (на околу 1900 метри), овие езерца според настанокот не се глацијални туку карстни, што ги прави единствени и ретки, бидејќи карстните предели се водопропустливи.

Facebook

Дуфски водопади

Дуфските водопади, кои се наоѓаат на територија на Реканскиот регион, припаѓаат на Националниот парк „Маврово“. Карактеристична за нив е блескавата вода што паѓа од недогледните карпи во височините.

Facebook

Колешински Водопади

Колешинскиот водопад е еден од највисоките водопади во Македонија, лоциран во југоисточниот дел на Република Македонија, во пазувите на планината Беласица, со просечна височина од 15 метри, а широчина на падот околу 6 метри. Овој водопад претставува неизбежна туристична атракција во Струмичкиот Регион.

Facebook

Смоларски Водопади

Смоларскиот водопад се наоѓа на северните падини на планината Беласица, во долниот тек на Смоларска река. На дното од водопадот формиран е „џиновски лонец“, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри, широчината е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.

Facebook

Водопади на Беловишка Река

Беловишка Река извира од подножјето на Пирибег, врв на западниот дел од Шар Планина. Водите на реката ги формираат трите водопади – Горна Скала, Долна Скала и Петочко Водиче. Третиот и најнискиот водопад локалното население го нарекува уште и Враживир. Водите се спуштаат по речиси непроодниот кањон до тетовското село Беловиште. Оваа ретка природна убавина може да се види на простор од два километра, во вкупна должина од 150 метри.

Facebook

Габровски водопади

Во непосредна близина на Колешинскиот и на Смоларскиот Водопад, во пазувите на планината Беласица, се наоѓаат Габровските водопади. Сместени се веднаш над селото Габрово, по кое и го одбиле името. На оддалеченост од еден километар има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, а нивната чиста студена вода истекува меѓу дебелите и разгранети буки. Прекршувањето и паѓањето на водата од еден во друг водопад е тоа што ги прави интересни и различни.

Facebook

Станечки водопади

Станечкитe водопади на Козја Река се наоѓаат во северниот дел на Осоговските Планини, кај с. Станци, на осум километри од Крива Паланка. Водопадот е на надморска височина од 1160 метри. Неговата височина изнесува 11 метри, и тој е најголем постојан водопад на Осоговските Планини. Водопадот е релативно пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина. Спротиводно по реката, кон повисоките делови има уште неколку мали водопади кои го надополнуваат амбиентот.

Facebook

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот