Во текот на 2022 излегоа четири броеви на списанието „Филозофска трибина“

Во последните два-три месеци од 2022 година излегоа од печат четири броја од единственото специјализирано филозофско списание на македонски јазик „Филозофска трибина“. Имено, два заостанати броја од 2020 година (броевите 27 и 28) и двете редовни изданија за 2022 година (броевите 31 и 32).

Издавач на списанието е Филозофското друштво на Македонија и броевите од 2020 год. се самостојно издадени, додека оние од 2022 год. се со поддршка на Министерството за култура.

Во „Филозофска трибина 27“ се поместени два пригодна текста (In memoriam), посветени на проф. д-р Виолета Панзова (1948-2020) од универзитетските професори и колеги, Мирко Ѓошевски и Ана Димишковска. Исто така, приложен е и Омаж по повод 100 години од раѓањето на доајенот на македонската логичка мисла, проф. д-р Јонче Јосифовски (1920-2009), односно пригоден текст на проф. Вера Георгиева, како и еден текст од Јосифовски од 1969 година.

Главнината на оваа „Трибина“ се однесува на Тематот: „Човекот како мера: 2500 години од раѓањето на Протагора“. Во него читателите можат да прочитаат десет статии коишто првично беа презентирани на истоимениот симпозиум одржан на 16. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (21 ноември 2019), односно текстови од авторите: Витомир Митевски, Иван Џепароски, Мирко Ѓошевски, Радомир Виденовиќ, Душица Ѓокиќ, Бошко Караџов, Јасмина Мојсиева-Гушева, Марија Тодоровска, Самуел Садикарио-Колономос и Ана Кечан.

Во оваа „Филозофска трибина“ се среќава и превод на еден текст на англиски јазик од српскиот филозоф Драган Проле од страна на Мариглен Демири, како и еден текст во рубриката „Студентски форум“ од Фросина Ѓоревска. Во рубриката Библиографии е предочен најголемиот дел од објавеното филозофско и логичко творештво на проф. Панзова. И на крај, во рубриката „Филозофски живот“ можат да се најдат прилози со информации за филозофските настани и новите филозофски наслови меѓу две „Трибини“, како и поширок осврт кон 10. Филозофски филмски фестивал.

„Филозофска трибина 28“, исто така, започнува со пригоден текст (In memoriam), посветен на проф. д-р Коле Јовановски (1945-2020) од неговиот универзитетски колега, Мирко Ѓошевски. Во рубриката Библиографии, е предочен избор од објавеното филозофско и научно творештво на проф. Јовановски, подготвен од неговата сопруга, Марија Јовановска.

Најголемиот број статии се поместени во рубриката Авторски текстови. Тука се наоѓаат дванаесет статии од авторите: Иван Џепароски, Бошко Караџов, Марија Тодоровска, Александар Стаматов, Љупка Христова-Башевска, Душица Ѓокиќ, Маријана Ѓорѓиева, Борис Тасков, Росано Чолаков, Александар Прокопиев, Дарин Ангеловски и Симо Георгиев. Во списанието се среќаваат и два текста во рубриката „Студентски форум“ од Атанасија Гулевска и Мухамед Вели. Во рубриката „Филозофски живот“ се поместени и прилози со информации за филозофските настани и новите филозофски наслови меѓу две „Трибини“.

Во „Филозофска трибина 31“, првиот број од 2022 година, стожерен дел (Темат) беа статиите што произлегоа од симпозиумот по повод 18. чествување на Светскиот ден на филозофијата (18 ноември 2021), на тема: „Филозофската мисла во Македонија“. Станува збор за десет статии од авторите: Денко Скаловски, Мирко Ѓошевски, Иван Џепароски, Душица Ѓокиќ, Радомир Виденович, Слободан Беличански, Бошко Караџов, Кица Колбе, Јасмина Поповска и Марија Тодоровска.

Во ова издание се поместени и уште два Авторски текстови (Александар Симоновски и Пантелеј Михајлович Кондратјук) и по еден текст во рубриките „Студентски форум“ (Никола Ристевски) и „Средношколски форум“ (Марија Велинова). На самиот крај, во рубриката „Филозофски живот“ има неколку прилози.

Во вториот (есенски) број за 2022 година, односно 32. издание на списанието „Филозофска трибина“ се наоѓаат девет статии во рубриката Авторски текстови, од авторите: Иван Џепароски, Марија Тодороска, Душица Ѓокиќ, Бошко Караџов, Игор Поп Трајков, Фросина Ѓоревска, Антонио Пановски, Христина Петкоска и Јасна Котеска. Тука, исто така, се поместени и два превода на текстови од: Филип-Жозеф Салазар (превод од англиски јазик на Владимир Ѓуровиќ) и Ајрис Мурдок (превод од англиски на Ведран Диздаревиќ).

Во „Филозофска трибина 32“ се среќаваат и по еден текст во рубриките „Студентски форум“ (Андреј Лазаревски) и „Средношколски форум“ (Ксенија Мано). Во продолжение има и три Прикази на книги од Ана Димишковска, Александар Стаматов и Боби Бадаревски. Кон самиот крај, во рубриката „Филозофски живот“ се среќаваат прилози со информации за филозофските настани и новите филозофски наслови меѓу две „Трибини“, како и поширок осврт кон 12. Филозофски филмски фестивал.

Примероци од сите изданија на списанието (не само овие четири броја) можат да се најдат во Книжарница „Или-Или“, „Култура – Во светот на книгите“ и во „Буква“ по цена од 150 ден. по примерок, додека пошироко за содржините на броевите има на веб-страницата на Филозофското друштво на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот