Во срцето на Скопје дискриминација: Ни питка вода за пиење, ниту дом за сиромашните Роми

Фонтана за пиење вода полна со ѓубре / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во срцето на Скопје, околу 500 метри од мостот „Беласица“ на левиот брег на реката Вардар, 80 Роми меѓу кои има и деца и постари лица живеат без вода. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека врз нив се врши директна дискриминација врз основа на етничка припадност, припадност на маргинализирана група и имотен статус од страна на Општина Гази Баба и од страна на „Водовод и канализација“.

Засегнатите семејства на левата страна од реката Вардар живееле уште од 1975 година бидејќи други домови немале, односно се бездомници. Условите за живот се мизерни од секој можен аспект, а конструкциите кои самите ги направиле од материјали кои успеале да ги соберат се пред распаѓање, со што постојано има ризик кровот да им падне врз главите. Како тоа да им е мал проблем, дополнително се соочуваат со ограничениот пристап до вода како основно човеково право.

Во просторот кој го населуваат постоела само една чешма во која водата била со многу низок притисок недоволен да ги задоволи минималните дневни потреби на 80 луѓе и дополнително – оваа вода никогаш не била микробиолошки тестирана. Ова место со години не е поврзано кон градската канализациона мрежа, што значи, покрај недостатокот од вода истовремено нема ни канализација.

Во близина бил поставен еден контејнер за отпад кој неретко бил преполн со ѓубре од целиот реон, па оттаму сметот се собирал во самото населено место и истиот немало каде соодветно да се исфрли. Со тоа здравјето на овие Роми и нивната благосостојба директно се ставени во опасност, а особено во летниот период малите деца се положни на зарази и инфекции. Дополнително на тоа, децата се целосно исклучени од образовниот процес што е недопуштено согласно Уставот и законските прописи.

Повеќето од жителите работат како собирачи на суровини и не се корисници на социјална помош. Сето ова резултира со немање услови за елементарните човекови потреби, кои се воедно издигнати и на рамниште на основни човекови права. Ромските семејства со години апелираат за проблемите со кои се соочуваат во медиумите, а секое нивно обраќање е дочекувано со одбивен однос и молк.

„Ваквата состојба е неприфатлива за држава која е потписничка на Стратегија за интеграција на Ромите и која претендира членство во Европската Унија во блиска иднина. Нивната етничка припадност не смее да биде причина за немање пристап до јавни услуги и права кои согласно Уставот и законите треба да ги уживаат сите граѓани, подеднакво, за што со цел решавање на комплексни проблеми со кои се соочува оваа група лица, треба да биде обезбедено соодветно домување и пристап до вода и струја“, пишува во претставката до Комисијата за заштита од дискриминација.

Во јули 2022 година, била поднесена петиција за соодветно социјално домување и елементарни услови до Општина Гази Баба и до Министерството за труд и социјална политика. Подносителот на претставката тврди дека со нерешавање на ваквата состојба на овие лица, се прави директна дискриминација врз основа на раса и боја на кожа, припадност на социјална група, имотен статус или припадност на маргинализирана група, со тоа што на засегнатата група Роми им се оневозможува право до комунални услуги и истите се во нееднаков третман со останатите, чии живеалишта се дел од урбанистичкиот план.

После ова, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе препорака со која му препорачува на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје, во соработка со општина Гази Баба да обезбеди пристап до вода во неформалната населба во местото.

„Пристапот до вода да се обезбеди преку привремено решение со кое ќе се обезбеди пристап до вода на сите лица, односно семејства кои живеат во предметната населба. Препораката треба да биде извршена најдоцна во рок од 6 месеци од денот на приемот на ова мислење“, пишува во мислењето на КСЗД од јули годинава.

Проблемот стигнал и до Генералниот секретаријат на Владата кој е запознаен со оваа состојба исто како и народниот правобранител.

„За жал општина Гази Баба нема сместувачки капацитети за згрижување бездомници. На подрачјето на општината Министерството за труд и социјална политика сместува бездомници, ромски семејства во поранешната управна зграда на установата „Ранка Милановиќ“ на улица Перо Наков која за жал без контрола е претворена во јавна депонија опасна по здравјето и животите на бездомниците претежно Роми, кои таму престојуваат и за населението на оваа локација“, се правдале од општината и топката му ја префлиле на Министерството за труд и социјална политика за кое навеле дека е надлежно за социјалните права на бездомниците, а за водата одговорен бил „Водовод“.

Според општина Гази Баба, училиштата и градинките како и здравствените установи се достапни за сите жители на општината без сегрегација по ниедна основа.

Од „Водовод“ на Комисијата ѝ одговориле дека во местото каде живеат 80 Роми немало водоводна мрежа и фекална канализација на која би можело да ѝ се даде приклучок. Со увид во Деталниот урбанистички план на Гази Баба на локацијата имало вцртана предвидена улица каде е предвидена водоводна мрежа и фекална канализација. Арно ама, на лице место таму живеат бездомници во субстандардни услови.

„Реализирањето на деталниот урбанистички план е во надлежност на општина Гази Баба, а Водовод не е надлежен за изградба на инфраструктура, туку за нејзино одржување, санација на дефекти итн. Не станува збор за дискриминација на населението по било која основа за пристап до питка, хемиски-бактериолошко исправна вода туку локацијата не е опфатена во системот на Водовод поради непостоење на улична инфраструктура која е обврска на Гази Баба“ рекле од „Водовод“ во својот одговор.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдило дека 80-те лица живеат на парцели во сопственост на Македонија, местото не е населба туку неформална населба, лицата се со статус на бездомници и на тоа место живеат подолг период. Исто така утврдиле дека нема можност да се вмрежи местото на постоечката водоводна мрежа ниту пак може да се легализираат импровизираните живеалишта.

Комисијата има донесено општа препорака да се обезбеди чиста вода на целата територија на државата од страна на општините и нивните реонски јавни комунални претпријатија. Ако постојат законски пречки за редовен приклучок до вода преку мрежата на општината, надлежните власти треба врз основа на меѓународната пракса да обезбедат непосреден пристап до вода на ваквите населби во кои најчесто живеат социјално ранливи категории на граѓани како што е ромската заедница.

„Комисијата утвди директна дискриминација врз основа на етничка припадност, припадност на маргинализирана група и имотен статус кон група на лица населени на местото. Засегнатите лица се ставени во неповолна положба и нееднаков третман споредено со останатите лица кои имаат пристап до вода со што се исполнува дефиницијата за директна дискриминација. Правото на пристап до вода е основно човеково право и е основа за човечкото достоинство“, пишува во мислењето со кое е констатирана дискриминација.

Комисијата му препорачала на ЈП „Водовод и канализација“ во соработка со општина Гази Баба да обезбеди пристап до вода во неформалната населба преку привремено решение со кое ќе се обезбеди пристап до вода за сите лица кои живеат во населбата. Препораката треба да биде извршена за најмногу 6 месеци од денот на приемот на мислењето. Оттогаш се поминати 3,5 месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот