Во рамки на 48. МОТ почнува перформативна инсталација во три чина на „Факултет за работи што не се учат“

Постер за настанот „Градот како сцена II – приказна за шетачката“

Организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“ на 16 ноември ја отвора својата тридневна програма „Градот како сцена – приказна за шетачката“ во рамки на 48. издание на интернационалниот театарски фестивал МОТ.

Во киното во Железничка зграда (ул. Борка Талевски 26) во Скопје, во 20 часот, ќе се игра првиот чин од програмата насловен: „Изгубени (модернистички) утопии – приказна за шетачката“. Станува збор за кураторски и просторен концепт и сценски дизајн на Филип Јовановски со драматуршки интервенции на Филип Јовановски и Викторија Илиоска. Автори и изведувачи се „Алембик“ (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска.

Изведбата во рамки на 48. МОТ е продолжение на истражувањето претставено во рамки на Националниот павилјон на Република Северна Македонија на 15. Прашко квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2023 година со наслов „Градот како сцена: Изгубени (модернистички) утопии“.

Преку делата на уметниците „Алембик“ (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска, курирани во заедничка платформа од Ивана Васева и Филип Јовановски, а користејќи го нивниот метод на „читање згради“, овој проект го користи градот како текст за препрочитување историски настани, евоцирајќи ги (тектонските) поместувања, судирите и (само)експлоатациите во контрастот на локалните официјални и неофицијални истории.

Зградите на Домот на АРМ и Албанскиот театар за деца и младинци во Скопје, локалната мермерна продукција од Прилеп и насилството на звуците создадени на/помеѓу овие места воведуваат платформа која (повторно) го измислува градот од перипетичкото искуство и отелотворувањето на деколонизирачката шетачка која го користи телото како место за учење, грижа и учество.

Партнери на проектот се Институт за театар од Чешка/Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), Интернационален театарски фестивал МОТ, ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, „Изолатциа“ – Киев, Украина, Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје.

Проектот е поддржан од Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондацијата „Хајнрих Бол“, Институтот „Гете“ – Скопје, „Активен ГРА(Д)/ѓани“, финансиран од Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот