Во основните училишта во Аеродром ќе се игра текбол

Аеродром е прва општина каде во основните училишта ќе може да се игра текбол. Имплементацијата на овој проект e резултат на соработката помеѓу Општина Аеродром и Меѓународната текбол федерација, која се реализира со поддршка од Македонскиот олимписки комитет.
Во рамките на оваа соработка, на Општината Аеродром ѝ се донирани 40 текбол табли и 80 топки за текбол. Освен донацијата, соработката вклучува стручна поддршка за оспособување на наставниците од основните училишта кои понатаму ќе треба да ги воведат и водат учениците во овој спорт.
Деновиве пак, Општина Аеродром е домаќин на квалификациите за учество на Европските олимписки игри во текбол кои ќе се одржат следната година во Полска.
Се радувам што токму Аеродром е домаќин на еден ваков настан, но и пионер во воведување на една нова спортска дисциплина. Силно верувам од училиштата во Аеродром ќе излезат идните локални, национални и меѓународни текбол таленти, вели градоначалникот Тимчо Муцунски.