Во ноември ќе се знае колку сообраќајот влијае врз загадувањето во Скопје

Сообраќај во хаос

Во рамките на истражувањето ќе биде направена и споредба на податоците за концентрациите на загадувачки супстанции за време на ограниченото движење поради коронавирусот од март до август годинава, со податоците од истиот период во претходната 2019 година.

Скопје секоја година, особено во зимскиот период, се соочува со сериозно загадување на воздухот, а процените се дека со 35 отсто во вкупното загадување, учествуваат емисиите на штетни гасови од сообраќајот во Скопје, особено во близина на главните сообраќајници. Поради тоа, од Центарот за климатски промени истакнуваат дека мора да се дејствува и да се започне со реални активности и решенија.

Токму влијанието на сообраќајот во вкупното загадувањето на воздухот во Скопје, како и персоналната изложеност на луѓето на емисиите од сообраќајните средства, се главен фокус на истражувањето, кое го работи експертски тим предводен од проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и раководител на одделот АМБИКОН, каде што се вршат истражувањата и анализите. Истражувањето се спроведува во соработка со Центарот за климатски промени, здружение на граѓани што дејствува во областа на животната средина. Истражувањето ќе биде завршено во ноември годинава, по што ќе бидат објавени целосните резултати и препораки.

Во рамките на истражувањето ќе биде направена и споредба на податоците за концентрациите на загадувачки супстанции за време на ограниченото движење во рамките на рестриктивните мерки за заштита од ширењето на вирусот ковид-19 во периодот од март до август годинава, кога имаше намалена фреквенција на сообраќај, со податоците од истиот период во претходната 2019 година.

Истражувањето ќе ја анализира и индивидуалната изложеност на емисиите што произлегуваат од сообраќајните средства од суспендирани цврсти честички при различни начини на движење во сообраќајот, во период вон и во грејната сезона во Скопје.

Речиси во сите досега спроведени истражувања сообраќајот се истакнува како еден од позначајните извори на загадување во урбаните средини. Целта е преку ова истражување да се утврдат конкретните влијанија на сообраќајот и да се споредат со податоците за квалитетот на воздухот во Скопје кога имало намален сообраќај поради мерките за забрана на движење заради спречување на ширењето на коронавирусот.

– Освен тоа, оваа истражување има за цел да ја утврди директната поврзаност на влијанието од загадувањето предизвикано од сообраќајот врз индивидуалната изложеност на луѓето, а со цел да се предложи адаптација на урбаната опрема и рутите на движење кои ќе овозможат помало влијание врз луѓето во текот на нивните секојдневни активности. Голем број студии во светот јасно укажуваат дека правилниот избор на начинот на движење или однесување може да влијае врз намалување на изложеноста – истакна проф. д-р Мираковски.

Во рамките на истражувањето, експертскиот тим ќе прибира податоци за структурата и бројот на возилата на територијата на градот Скопје, фреквенција на возила на критични раскрсници во чија близина има мерни станици, како и часовна и дневна концентрација на загадувачките материи од националната мониторинг мрежа. Исто така, ќе се земат предвид и досегашните студии и анализи. Измерените вредности од истражувањето кои ќе бидат земени во различни временски периоди и услови, ќе се анализираат и ќе се споредуваат со дозволените нивоа на изложеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот