Во јуни се користеле 65,5 отсто од фабричките капацитети

Поради корона-кризата и вонредната состојба, минатиот месец фабриките работеле со 65,5 отсто од полниот капацитет. Oбезбеденоста на производството со порачки во јуни 2020, во однос на мај 2020 година, е понеповолна, а такви се и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци. Залихите на готовите производи се намалени, предупредуваат раководителите на деловните субјекти, кои учествувале во анкетата на Државниот завод за статистика.

– Во индустријата на мебел досега има пад на прометот од над 50 отсто, а овој тренд ќе продолжи, најверојатно и со поголеми негативни ефекти до крајот на годинава поради одлуката за намалување на непродуктивните расходи од државниот буџет за цела 2020 година, како и нефункционирање на пазарот наменет за туризмот, угостителството, хотелиерството – вели Драги Милошевски, претседател на Здружението на дрвната и графичката индустрија и издавачката дејност, АД „Киро Дандаро“ – Битола.

Милошевски вели и дека намалувањето на производството во графичката и издавачката дејност е над 60 отсто, бидејќи компаниите ги сведоа на минимум рекламните флаери и други печатени материјали.

– Заживување се почувствува во мај и во дел од јуни, но со многу помал капацитет од минатата година овој период – објаснува Милошевски.

Менаџерите посочиле дека најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството е губењето на странските пазари, односно недоволната странска побарувачка (20,6 проценти). Голем удел во ограничувањето на производството имаат и недостигот на квалификувана работна сила (17 проценти), неизвесното економско опкружување со 16,5 проценти и недоволната домашна побарувачка со 13,1 проценти.

– Периодот на кризата поради ковид-19, металната и електроиндустријата го минуваат со намалено работење, пред сѐ поради намалените нарачки, намалениот број вработени поради превенција, карантин и немање нови проекти. Падот во обемот на работењето е за 20 до 30 отсто. Падот на производството, услови и пад на извозот поради одложување на нарачките од странските партнери е резултат на падот на светската побарувачка – вели Орце Давчев, претседател на Здружението на металната и електроиндустријата, „Брако“ ДОО – Велес.

Менаџерите оценуваат дека економската состојба на деловните субјекти во јуни 2020 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на јуни 2019 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми. Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јуни 2020 година е намален за 0,8 процентни поени во однос на мај 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот