Во Брисел блокирана преговарачката рамка за Македонија

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Денеска ја имаме првата непријателска порака и блокада од Бугарија за преговарачката рамка во Брисел, рече вчера премиерот Зоран Заев.

– На првиот состанок на Комитетот на постојани претставници во Советот на Европската Унија (КОРЕПЕР) ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен членот 2 од договорот, ние ништо досега не прекршивме. Ова е непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, а денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија. Првиот чекор е блокиран – рече вчера премиерот Заев за време на увидот на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

Советот за општи работи на министрите на ЕУ, на кој треба да се прифати преговарачката рамка за почнување на пристапните преговори со Македонија, вчера беше одложен на 17. место на 10 ноември, а премиерот Заев рече дека дотогаш ќе има уште два состанока на амбасадорите во КОРЕПЕР, па уште има шанса да се постигне напредок и во декември да почнат преговорите со ЕУ. На вчерашниот состанок се очекуваше рамката да биде усогласена по малиот напредок што го постигнаа министрите на состанокот во Берлин, но тоа не се случи.

Заев рече дека не треба да се прави драма иако е пратена неубава порака од бугарска страна и дека верува дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи во декември. Тој уште еднаш повтори дека ќе нема нов договор или анекс на постојниот договор со Бугарија, туку изјави за појаснување.

– Ставовите може да се приближат преку модел на заедничка историја, оти имаме заедничко минато, и Македонија и Бугарија, имаме дел заедничка, а дел посебна историја, минато од коешто се произлезени денешните македонски и бугарски јазик. Историските работи треба да ги решат историчарите. Јас сум оптимист за решение. Следува и средбата на Берлинскиот процес, се надевам дека ако бугарскиот премиер Бојко Борисов е во добро здравје, ќе се видиме и ќе поразговараме на оваа тема, ако не, ќе се видиме онлајн. Има и интензивна комуникација преку министерствата за надворешни работи и верувам дека ќе се изнајде креативно решение – рече Заев.

Премиерот појасни дека членот 2 од Договорот за добрососедство вели дека Бугарија треба да нѐ поддржува кон патот за интеграција во ЕУ и да го сподели своето искуство.

Аналитичарите се едногласни дека шансата да ги почнеме преговорите крајот на годината за време на германското претседателство со ЕУ сѐ уште е голема, а потоа ќе биде сѐ потешко, не само поради тоа што следните земји претседавачи ќе ја немаат германската амбиција за проширување, туку и поради тоа што ќе опаднат македонските симпатии кон ЕУ, а крајно ќе се нарушат односите со Бугарија.

Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика, вели дека дава оптимизам дополнителното време што се доби за Бугарија да биде уверена дека е во сечиј интерес Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.  Според неа, нема логика билатерални спорови да ги одложуваат преговорите кога земјата кандидат ги исполнила сите услови.

– Следен состанок на Советот на ЕУ до крајот на германското претседателство е на 8 декември, кога исто може да се донесе одлука за преговарачката рамка и за меѓувладината конференција. Германија стискаше сега да се постигне брзо договор поради самитот на Берлинскиот процес на 10 ноември, каде ќе беше голем успех да се официјализираа преговорите за Македонија. Германското претседателство е најдобра шанса за нас, затоа што следната година првите шест месеци претседавач со ЕУ е Португалија, а потоа Словенија и со овие земји потешко ќе се турка агендата за проширувањето. Има уште шанса и најдобро за сите би било сега да се надминат недоразбирањата, за ситуацијата да не ескалира. Германците се многу вешти и видовме дека не се дозволи бугарските барања да влезат во преговарачката рамка за ЕУ – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Според амбасадорот Огнен Малевски, ако Европа ѝ дозволи на Бугарија проширувањето со земјите од Западен Балкан да пропадне поради билатерален спор за историја, ќе бидат доведени во прашање развојот и стабилноста на регионот.

– Во принцип сум оптимист, но шансите сега се 50 наспрема 50, па и повеќе кон тоа Бугарија да нè блокира и покрај сите притисоци што ги добива отстрана. Таа е со чеканот во раката, го има правото на вето и доколку се единствени во намерата да го стават, ќе го сторат тоа. Најголемата надеж е во премиерот Бојко Борисов, кој сѐ уште нема децидно изразен став за вето, но тој нема многу голем маневарски простор, затоа што сите партии сега таму се со истиот став. Во пресрет на изборите во Бугарија, ова прашање таму се издигна како национално прашање и ако ни дадат сериозни отстапки, на тоа би се гледало како на национален пораз. А колкав и да е притисокот врз Борисов, тој нема да рече бев под притисок и попуштив, не постои таков политичар. Единствената надеж е во тајната дипломатија, за која е јасно дека интензивно се води. Ако успеат да најдат некоја формула, некој начин да биде задоволена Бугарија, ќе ги почнеме преговорите. А потоа, тој пат кон ЕУ пак ќе биде полн со вакви исчекувања и можности за блокади на отворањето на секое поглавје од преговорите – вели Малевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот