Во битолската „Магаза“ е поставена петтата тематска изложба „Несовршен простор“

Делото „Детето на Белото море“ на Димитар Солаковски ја доби наградата „Златен лист - Владимир Георгиевски“

Здружението за култура „Транзен“ од Струмица во соработка со Друштвото на ликовни уметници Битола ја организираше петтата изложба од циклусот „Несовршен простор“. Проектот ги истражува различните простори за изложување на ликовните дела. Секоја година просторот на изложбата е различен, во потрага по совршениот простор.

– Петтата изложба на „Несовршен простор“ е во потрага по нови места за изложување. Oваа година, просторот е галеријата на КЦ „Магаза“, Битола. Темата на изложбата е „Траги во просторот“. Да оствариме контакт со празниот простор, да го исполниме со присуство, или да ја пронајдеме празнината на пределот што се шири во перспективата пред нас. На оваа изложба, уметникот треба да го пронајде својот внатрешен пејзаж со повторно разоткривање на смислата на нашето присуство во празниот простор – истакнуваат од „Транзен“.

На изложбата „Несовршен простор“ секоја година Здружението „Транзен“ ја доделува откупната награда за ликовно дело „Златен лист – Владимир Георгиевски“, во чест на великанот на македонската ликовна уметност Владимир Георгиевски. Добитник на наградата „Владимир Георгиевски“ годинава е ликовниот уметник Димитар Солаковски од Битола. Жирито на овогодишната награда, сликарот Владимир Илиевски, ја образложи наградата за делото на Солаковски.

– Делото „Детето на Белото море“ на Димитар Солаковски е прилично смела, директна и специфичнo решена композиција, која истовремено носи тивка и суптилна поетска приказна. Толку интимно, а сепак, универзално, затоа што колку подлабоко патуваме низ привидните суштини на поединечните форми, гледаме дека на крај сите завршуваат во една суштина. Тука е прикажан моментот на вечноста. Запомнетото што избледува, а не се заборава – посочува Илиевски.

На изложбата што беше отворена на 13 мај во КЦ „Магаза“ во Битола, учествуваат петнаесет уметници: Димитар Солаковски, Илија Маџаров, Тони Попов, Александра Петрушевска Ристовска, Марија Трајаноска, Никола Пијанманов, Ване Костуранов, Љупка Галазка Василев, Славица Милева, Дејан Иванов Маргуш, Орце Нинески, Љубица Мешкова Солак, Ѓорги Динев, Горан Јованов и Верица Арапова. Изложбата е организирана во соработка со Друштвото на ликовни уметници Битола (ДЛУБ).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот