ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи изградба на нов клинички центар

Фото: Драган Митрески

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи проектот за изградба на нов клинички центар во атарот на Општина Ѓорче Петров и бара власта да го поддржи нејзиниот проект за ревитализација на стариот клинички центар, и на уште неколку болници во земјава, затоа што тој е далеку поекономичен и порационален.  

– ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да дозволи да се потрошат 508 милиони евра за само триесетина страни физибилити студија и уште дополнителни средства за други инсталации кои се предвидени во таа физибилити студија, како што се пристапните патишта, енергетското напојување, гасното напојување и уште низа други зафати, кои државата ќе ја чинат премногу. Кога власта ќе има подготвен и реален проект, проект кој може да добие своја финализација, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи изградба на Клинички центар – истакна викендов Мицкоски.

Тој воедно посочи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе има идејно решение и проект кој опфаќа ревитализација на постојниот Клинички центар „Мајка Тереза”, изградба на Ковид центар и спојување со постоечката Воена болница, како и со болницата Букурешт, а дополнително на тоа, како што додаде, и вложување пари во три универзитетски клинички болници како што се болниците во Штип, Битола и Тетово.

Претходно министерот за здравство Венко Филипче укажа на процесот на подготвката на законот за изградба на новиот Клинички центар и потсети на постапките кои се спроведувани во изминатите повеќе од две, три години.

– Како што сега сме блиску до реализација на еден ваков сериозен и најкомлексен проект воопшто никогаш не сме биле и треба да го искористиме тоа. Ако има контрааргументи може да разговараме и за тие опции – истакна Филипче.

Тој посочи дека во втората половина на месецов ќе има јавна презентација на целокупниот процес за сите чинители, пратеници, архитекти, лекари, екологисти итн.

– Проектот ќе чини близу 500 милиони евра, а во самата тендерска постапка можно е цените да паднат. Почнавме реализација на активности во доменот на надлежностите во однос на подготовка на инфраструктурата за една таква гринфилд локација. Се започна со спроведување на тендерската постапка, аплицираа четири компании, а во втората фаза се квалификуваа две компании, француската „Буиг“ и германската „Вамед“ – рече Филипче.

Според него, законот за изградба на новиот Клинички центар е единствената можност да не ги изгубат овие компании, да се искористат нивното знаење и експертиза за конечно да почнат конкретно да работат на планот за нов Клинички центар.

– Верувам дека опозицијата ќе собере и сила и храброст да се придружи кон овој процес, дека можеме на многу конструктивен начин да разговараме – рече Филипче.

Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ, ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се водат од одговорноста пред граѓаните, особено во овој вонреден период, и да помогнат во изнаоѓање решенија за унапредување на здравствениот систем, и да не го кочат овој важен проект. Таа го нападна проектот што го нуди Мицковски.

– На чиј плац ВМРО-ДПМНЕ сака да биде изградена зградата, која според нив треба да биде нов Клинички центар? Дали можеби тоа е на плацот кој е во сопственот на Самсоненко, бизнис партнерот на нивниот спонзор Орце Камчев? Или пак на уште помалиот плац кој е делумно државно, а делумно приватно земјиште и кој се користи како хелиодром – праша Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот