Вклучувањето на судии во комисијата за помилување би било преседан

Судии судија судство
Илустрација: судија / Фото: Архива на „Слободен печат“

Шефот на државата со новото законско решение за помилување ќе може да помилува само лица за кои има завршена судска постапка. Според предложеното законско решение, шефот на државата во иднина нема да може да помилува лица кои се осомничени или обвинети. Ќе може да помилува само лица за кои има правосулна судска пресуда дека сториле одредено кривично дело.

– Примената на тој закон покажа дека навистина постојат одредби коишто различно се интерпретираат. Во таа насока, се обидовме и се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различното толкување на законот, така што дадени се прецизни критериуми, рече министерот за правда, Никола Тупанчевски.

Со цел да се избегнат злоупотреби за политички цели при процесот на помилување се предлага во комисијата за помилување да бидат вклучени и судиите.

„Бидејќи одлуките во име на народот ги носат судиите, а судиите не парципираат во делот на помилувањето. И тоа е многу битен елемент, бидејќи од една страна ќе имаме одлуки кои се донесени од судот, а од друга страна, ќе имаме политичко помилување на одредени лица врз основа на одредена комисија од Министерство за правда што не е во ред“, вели адвокатот Тони Менкиновски.

За разлика од него, правникот Ќенан Алиу смета дека вклучувањето на судии во ова тело би било преседан.

– Од практиката е познато дека шефот на државата во соодветната комисија во неговиот кабинет соработува со личности од областа на судската практика, така што вклучувањето на судии во ова тело мислам дека би било преседан, бидејќи шефот го применува законот за помилување земајќи го предвид мислењето на матичната комисија. Значи, шефот на државата не го преиспитува тоа што судот одлучил, туку го спроведува материјалното право што е во надлежност, изјави за „Слободен печат“ правникот Ќенан Алиу.

Алиу истакнува дека на шефот на државата треба да му се даде можност да помилува и без да биде завршена кривичната постапка, но да се прецизираат нормите за кои кривични дела не треба да се случува вакво нешто.

Адвокатот Асмир Алиспахич вели дека место судии во комисијата за помилување подобро би било да членуват експерти од областа на правото.

– Сметам дека подобар предлог е експерти да учествуваат во комисијата за помилување отколку судии. Судиите може да се најдат во ситуација да ги суделе истите предмети кои се предмет на помилување, изјави Алиспахич за „Слободен печат“.

Во минатото, во државата имаше неколку примери на ослободени граѓани за кои судската постапка не беше завршена. Пример е случајот „27 април“ за кој се донесе посебен закон со кој се амнестираа од кривична одговорност дел од осомничените за упадот во Собранието, меѓу кои и пратеници. Поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, донесе аболиција за 56 поранешни функционери кои беа осомничени во предметите на СЈО.

ВИДЕО | Дувњак: Одлуката на Стразбур за аболициите на Иванов може да зададе голем удар врз македонското судство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот