Вјоса Османи прва жена претседател на Собранието на Косово

Фото: МИА

Во обраќањето по гласањето за нејзиниот избор, Османи порача дека граѓаните на Косово имаат големи очекувања од новата Влада која беше изгласана денеска.

Потпретседателката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и носителка на листата на таа партија на октомвриските парламентарни избори, вечерва е избрана за претседателка на Собранието на Косово, откако досегашниот спикер Глаук Коњуфца од Движењето Самоопределување (ВВ) порано денеска беше избран за министер за надворешни работи во новата косовска Влада, предводена од Албин Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во продолжение на денешната седница на Собранието, на која се избра новата Влада, која ќе ја предводи лидерот на ВВ Курти, 65-те пратеници присутни во собраниската сала едногласно ја избраа Османи за нова претседателка на законодавниот дом.

Иако членка на ЛДК, Османи за челната позиција во Собранието беше предложена од пратеничката на коалиционата ВВ Фатмире Муљхаџа-Колчаку.

Функцијата на парламентарен спикер беше главната причина за одолговлекување на договорот за коалиција меѓу ВВ како партија победничка и ЛДК како второрангирана на изборите одржани на 6 октомври. Конечната согласност за формирање заедничка влада беше постигната завчера, а официјализирана вчера, со потпишувањето на договорот од страна на лидерите на двете партии, Албин Курти и Иса Мустафа.

Во обраќањето по гласањето за нејзиниот избор, Османи порача дека граѓаните на Косово имаат големи очекувања од новата Влада која беше изгласана денеска.

– Нашите и очекувањата на граѓаните се мошне големи и се надевам дека Владата на Курти ќе нè направи горди. Верувам дека во текот на овој мандат ќе му го вратиме достоинството на Собранието на Косово, ќе имаме опозиција која ќе изрази подготвеност за соработка, меѓутоа жал ми е што тие вечерва не се тука. Се надевам дека во наредните четири години слободната дебата, коректниот јазик едни кон други, ќе бидат пример кој ќе го покажеме пред граѓаните на Косово, изјави Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот