Виртуозната виолинистка Сајака Шоџи ќе настапи со оркестарот на Филхармонија

Сајака Шоџи / Фотографија: Julien Mignot

Оркестарот на Филхармонија на 31 март, со почеток во 20 часот, ќе го изведе концертот насловен „Манфред“ на кој како солистика ќе настапи јапонската виолинистка Сајака Шоџи, лауреатка на престижниот виолински натпревар „Паганини“.

Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 77 од Јоханес Брамс и Шестата симфонија од Л.В. Бетовен.

Подемот на виолинистката Сајака Шоџи започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други.

Зубин Мехта е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка. Кога во 2000 година ја слушнал како свири на една аудиција, тој веднаш го променил својот распоред на концерти, со цел да ѝ овозможи на Шоџи да ја направи својата прва аудиоснимка со Израелскиот симфониски оркестар, а истовремено ја повикува и да настапи со Државниот оркестар на Баварија и Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, покана која Шоџи без размислување ја прифаќа.

Нејзината уметничка уникатност и разновидниот обемен репертоар ја носи и пред други реномирани оркестри денес – Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската филхармонија, Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија.

Настрана од големиот број концертни активности, Шоџи во 2007 година го претставува експерименталниот визуелно-музички проект „Синтезија“, ликовни уметнички дела и видеодела. Љубовта кон визуелната уметност на оваа виолинистка доаѓа директно од нејзиното семејство, односно од нејзината мајка, која била позната сликарка во Италија.

Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833-1897) e еден од најзначајните претставници на доцниот романтизам. Неговата музика често се изведува на светските концертни подиуми, а едно од најомилените дела и на публиката и на солистите е токму Концертот за виолина во Де-дур, кое го напишал во 1878 година. Брамс му го посветил овој концерт на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Кога го напишал, Брамс бил на почетокот од својата композиторска кариера, а Јозеф веќе бил славна личност, виртуоз на виолината. За Брамс рекол дека е „чист како дијамант“ и „мек како снег“ и на некој начин, со својата маестрална изведба на Концертот за виолина, му помогнал да стане популарен.

Шестата симфонија на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен, која има програмски поднаслов„Пасторална“, се смета за едно од најзначајните остварувања во историјата на симфонизмот. Првпат била изведена во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природата, како што сугерира и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет, бидејќи неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка, известија од НУ Филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот