Вино, чипс и доза „Новакс“

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Не беше лесно да се гледа групировката – забавата со винце и чипс – во дворот на премиерот во Даунинг стрит 10 со расположени триесетина административци како не почитуваат ниту локдаун ниту два метри растојание ниту седи дома ниту бутур. Луѓето во тоа време не можеа да си ги посетат родителите, ниту да ги посетат блиски во болници и домови за стари, не можеа да мрднат од дома.

Сакаш да се напиеш нешто? Може? Да? Фино! Е, па, ајде, оди купи си! Шокантно? Колку е ова типично англиски, немате претстава. На роденденот на маж ми, во годините пред ковид времето, сите од Западен Балкан најнормално пиеја (и јадеа) и уживаа. Никому на крај на памет не му паѓаше да праша да плати – па роденден е – освен на Англосаксонците. Тие, прво срамежливо пијуцкаа, па пиеја, откако дознаа дека кај нас на слави, родендени и на разноразни забави со или без повод, кога си поканет, сѐ е на сметка на поканувачот, се развеселија до немајкаде.

Така што воопшто не ме изненади забавата организирана од главниот секретар на премиерот Борис Џонсон, кој користејќи го убавото време, некаде во втората половина на мај, им прати имејл на стотина колеги и им рече – ајде после работа на пијачка и грицки во дворот на премиерот, да се релаксираме малку. Секој нека си донесе од дома што ќе пие и ќе грицка, ќе има чипс.

Веднаш да кажам дека не ме изненади и што беше винце и чипс (стипси), макар што потоа некој сепак се сетил и донел сиренце, ама ептен сиромашно. Од друга страна, добро што имало некакво мезе, какво такво (кое за западнобалканците, искрено кажано, е навреда – чипс? ), зашто типично од пиење на гладно до опивање има три чаши и сонце кое ја грее главата.

Но, она што ме изненади и мене и цела нација е тоа што се случи на 20 мај 2020 година, кога бевме во локдаун и кога два дена претходно владин министер се појави на прес-конференција за да ни каже дека не може да се собираме и да се дружиме и да одиме по дома и по кафани и да јадеме и да пиеме (со или без чипс) и да се групираме. Луѓето во тоа време не можеа да си ги посетат родителите, ниту да ги посетат блиски во болници и домови за стари лица, не можеа да ги закопаат саканите, не можеа да мрднат од дома.

Па, не беше лесно да се гледа групировката во дворот на премиерот во Даунинг стрит 10, со расположени триесетина административци како не почитуваат ниту локдаун ниту два метри растојание ниту седи дома ниту бутур. А видовме фотографии, не дека не видовме. Со специјалниот гостин, премиерот и неговата сопруга Кери, која слегла долу да види што ѝ се случува во дворот, па потоа останала неколку часови, чисто онака од пристојност, да не бидат гостите осамени, оти таа е домаќинка.

Џонсон за Џонсон

Ова деновиве се претвори во голем скандал на британската политичка сцена. Посебно затоа што се појавија и снимки како премиерот Џонсон во месеците пред и потоа вели како не смее да има едни правила за политичарите, а други за обичниот народ и дека секакво прекршување на правилата ќе има последици. И запрашан дали бил на забавата (а го видовме дека бил), тој одговори дека ќе има истрага, па истрагата ќе каже. А кој ја води истрагата? Негов службеник. Под негова контрола.

Значи, Борис Џонсон ќе истражува дали Борис Џонсон бил на забава на која Борис Џонсон рекол дека не треба да се оди, зашто тоа е среде пандемија кога треба да се почитуваат правилата кои ги постави – Борис Џонсон. Уф… дилеми, дилеми, бил или не бил, никако да се изјасни човекот. Мислеше човекот ќе подзаборават, ќе се извлече, ама не му било пишано. Сѐ погласни се повиците да си даде оставка.

Не е првпат Џонсон да има проблеми со вистината. Има докажана репутација. Така беше и кога беше дописник на „Дејли телеграф“ од Брисел, со полувистини и измислени приказни прикажувајќи ја  Европската Унија во негативно светло. Имаше и „бисери“ за време на двата мандати како градоначалник на Лондон. А откако стана премиер, се надмина себе си во поглед на „играњето со вистината и манипулацијата со фактите“, што го видовме најдобро со брегзитот. Однесувањето на премиерот и на оние околу него за време на пандемијата „едно правило за нас, друго за вас, обичните смртници“, заедно со другите скандали во врска со водењето на државата, веќе не е прифатливо. Изгледа животот со ковид стана секојдневие, па нема оправдување, а уште помалку  разбирање  за грешките и за лагите на оние што требаше да знаат подобро.

Тенис во Комонвелтот

Веста околу скандалот во Австралија со српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, само за ден-два успеа да го сврти вниманието на јавноста тука од маките на БоЏо. „Не биди Новак, вакцинирај се“, беше насловот на најтиражниот таблоид „Сан“ со кој премиерот влезе во кампања да се довакцинираат невакцинираните во земјата во која речиси сите се со две дози, а бустер имаат над 35 милиони. Социјалните мрежи беа преполни со коментари за, како што го нарекоа, „Новакс“. Тенисерот стана „ѕвезда“ на оние што се противат на задолжителното вакцинирање, посебно за медицинските работници и оние што работат со стари и изнемоштени лица, кои мора да се вакцинирани ако сакаат да останат на работа.

Приклучок тргнаа да фаќаат и разни политички аутсајдери – поранешниот лидер на UKIP, Најџел Фараж, кој одеднаш се најде во друштво со родителите на Ѓоковиќ и да дава интервјуа за поддршка. Британскиот тенисер Енди Мари му порача на Фараж да им каже како целата кариера ја изгради со кампања за протерување луѓе што доаѓаат од Источна Европа. Фараж му порача на Мари да игра тенис, да си гледа работа и да се обиде да се насмевнува од време на време. Не кажа дали им кажал за имигрантите, ама па сега не му е тоа темата.

Но, тоа не е сѐ. Таткото на „Новакс“ (не знам дали по совет на Фараж), во изјава до медиумите  ја повика британската кралица Елизабета Втора, „како лидер на Комонвелтот да интервенира и да ги заштити човековите права на неговиот син Новак Ѓоковиќ и да го запре политичкиот прогон кој се води против него од денот кога тој дојде во Австралија“. Засега нема коментари од Бакингемската палата, па постарите Ѓоковиќи ќе треба заедно со адвокатите да се справуваат со сите коментари што ги дадоа на сметка на австралиската влада, а кои беа сѐ, само не позитивни и мирољубиви.

Што се однесува до кралицата наша Елизабета, таа е во добро здравје  и одлично изгледа за своите 96 години, плус зафатена е со подготовките за прославата на платинестиот  јубилеј – 70 години од доаѓањето на британскиот престол и е најдолговладејачкиот монарх во историјата. Главната прослава ќе се одржи од 12 до 15 мај во Виндзор, а во текот на јуни ќе има четиридневен државен празник за да славиме и ние, граѓаните. Распишан е и конкурс за „платинесто јубилејно слатко“ – десерт кој треба да го овековечи настанот на кој можат да учествуваат сите над осумгодишна возраст. Знам да правам шеќерпаре. Можеби ќе се пријавам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот