ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бешлиовска: Лекари и сестри го продаваат имотот на бабите и дедовците за да добијат статус на земјоделци за стаж

Гордана Бешлиовска/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Медицинските сестри во Македонија со години работат со статус договор на дело, без здравствено и пензиско осигурување, со години работат за минималец, во неизвесност за систематизација, со желба да бидат вклучени во образовниот процес, а изоставени од таа можност, сето ова го зголемува бројот на медицински сестри кои ја напуштаат земјава, вели за „Слободен печат“ на Слободна ТВ, сестра Гордана Бешлиовска, претседателка на здружението на медицински сестри, техничари и акушерки „ЗА НАС“.

– Ние дадовме голема поддршка на владината одлука за систематизација на медицинските сестри. Ние сме поборници повеќе да не постои статусот договор на дело за медицинските сестри. Меѓутоа одлуката за трансформација за кратко време ја промени реториката и поминавме во состојба на административно побарување на јавни огласи, тоа ги менува состојбите и условите за конкурентност на овие сестри во болниците. Нашите информации зборуваат дека голем број на сестри кои неколку години биле со статус договор на дело не биле планирани во постоечките систематизации. Тоа нас многу не загрижи, вие да ги имате во болниците, а да не ги планирате во систематизацијата, да ги држите во неизвесност. Тоа е еден дополнителен проблем, вие не можете административно да распишете јавен оглас за вработување, ако немате место за овој персонал – вели Бешлиовска.

Таа појаснува дека ваквата состојба бара дополнителна администрација, побарувања од Министерството за информатичко општество, процедура којашто трае два до три месеци, според неа тешко дека ветените 1.117 вработувања од министерот за здравство Фатмир Меџити да се израелизиараат до распишување на изборите (28 февруари).

– Затоа ние апелиравме да постои една спрега помеѓу институциите за да се скратат овие административни постапки за јавните огласи навремено да се распишат, вели Бешлиовска.

Медицинскиот персонал без здравствено осигурување бара начини да стигне до стаж.

– Медицински сестри, па и лекари ги продаваат имотот на бабите и дедовците за да добијат статус на земјоделец за да им тече пензиско осигурување. Ова се случува во ситуација кога имате дефицит на кадарот, кога имате апсолутно незадоволство и од сестрите и од пациентие – вели таа.

Околу 8.000 медицински сестри недостасуваат во македонското јавно здравство, нагласува сестра Бешлиовска.

-На светот ќе му недостигаат 9 милиони медицински сестри, прогнозира Светската здравствена организација, во тој случај ние ќе бидеме првите коишто ги надополнуваме сите испразнети места и во регионот и во Европа и многу лесно ќе ни заминуваат сестрите, додава таа.

Гордана Бешлиовска/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

– Несигурноста е една од најголемите причини поради која медицинските сестри ја напуштаат земјава. А тоа се медицински сестри кои имаат исти одговорности како сите кои се во редовен работен однос, немаат скратување на работните обврски и не е важно какво образование имате. Сите сте на еден линеарен финансиски надоместок без здравствено и пензиско осигурување. Јас дадов и јавно повикување до сите кои ќе конкурираат да не им попречуваат на овие луѓе кои се во болниците. Како што дадовме силна поддршка, ќе дадеме и силна реакција доколку овие сестри бидат обесправени – рече нашата соговорничка.

Според Бешлиовска партиската реторика за жал е меѓу медицинските сестри.

– Ние сме професија којашто не умее со идеологија, ние сме професионалци. Нашата суштина и постоење се пациентите. Партиската реторика ги маргинализираше авторитативните сестри, сестрите со искуство. Ги повредивме знаењата и вештините на медицинските сестри. Внесовме нешто што го расипува достоинството на оваа професија – рече таа.

Политиките на менаџерите во здравствените инститиции ги раскаараа сестрите, вели Бешлиовска.

– Најголемиот проблем е неисплатеноста на работата во дежурства, бидејќи Законот за здравствена работа не опишал сменска работа и тогаш добра волја е на менаџерите ако сакаат да ви ги платат дежурствата. Секоја работа над 16 часа е дежурство, а сестрите работат над 16 часа. Ние имаме проблем со менаџерски одлуки кои се страшни парадокси и фрлаат дамка врз сестринството и ги скараа сестрите. На сестрите со средна стручна подготовка личните доходи им се многу ниски, на тие со високо образование им го признаа образованието, а не им ги дадоа одговорностите. Во прилепската болница има сестри на кои им е забрането да дежураат, бидејќи се со високо и на крајот на месецот ќе земеле високи лични доходи, а на сестрите со средна стручна спрема им товарате да дежураат и тие се задоволни затоа што ќе земат поголем личен доход, но за кратко време ги согорувате – појаснува таа.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот