ВИДЕО | Земон: Големите фронтмени во СДСМ се променети, а сегашните кадри се уште не профункционирале

Рубин Земон / Утрински брифинг

Рубин Земон, директорот на Центар за напредни студии, некогашен пратеник и предводник на партијата на Египќаните која е во владејачката коалиција и сега оствари осум советнички места во Охрид за „Утрински брифинг“ проценува дека вториот круг од изборите ќе биде интересен. 

– Моменталнава ситуација е како меч во тенис, 2 спрема 1 во сетови, од ова може да се врати само Ѓоковиќ. Мислам дека членството на СДСМ малку покажа револт поради оваа ситуација во земјата. Мислам дека прилично се разочарани луѓето од Шарената револуција. Не профункционира државата како што се очекуваше. Сега граѓаните покажуваат дека ако продолжи индиферентноста на власта, ако не се променат актерите, ќе се почне пак со истата реторика како порано дека живееме во заробена држава и слично, вели Земон во „Утрински брифинг“.

Тој вели дека разочараноста на граѓаните лежи и во тоа што не се направија отворени листи како што се очекуваше и посакуваше. Според Земон, народот сака малку полиберален изборен законик.

Постои ризик составот на кандидатите при отворени листи да биде „естрадизиран“, иако и сега имаме шоу бизнис кандидати, но Донтовиот модел сепак дава извесна сериозност. Што ќе се случи понатаму по вчерашното отворено писмо на Зоран Заев во кое повикува за обединување, а кое наликува на фамозното отворено писмо на Груевски за финална борба против непријателот од пред 10 години, го прашавме Земон.

– Големите фронтмени во СДСМ се променети, а сегашните кадри сѐ уште не профункционирале во партискиот систем. Заев и самиот вели дека составот на врвот од партијата сега се млади бизнисмени. Но, немаат политиколози кои би направиле анализа, вели Земон.

Гледаме и разочараност кај луѓето од културата, која СДСМ секогаш некако ја третирале како нужно зло.

– Без култура тешко се отвораат некои врати. Ако немаме таков отворен и мултикултурен пристап кон културата немаме обединување, коментира Земон.

Тој додава дека во вчерашниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата вели дека има интерресорски проблеми во владата.

– Поради ковидот веројатно не се преземени методи за воведување интеркултурализам што е предуслов за едно демократско општество. Тука ќе треба да работиме повеќе иако добивме пофалби за оваа прва платформа за мултикултурализам. Сите во јавноста резултатите ги гледаат во оние 60 општини кои се етнички македонски, а никој не се прашува ни јавноста ја интересира на пример зошто во две општини, Центар Жупа и Маврово Ростуше, немаме ни излезност да се постигне цензусот. Според мене секој граѓанин треба да биде еднаков во пристапот на медиумите, заклучува Земон.

Целиот разговор проследете го во видеото во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот