ВИДЕО: Во Македонија има 34 дневни центри за лица со попреченост, мајките на децата велат не се доволни

Елена Јакимовска Павлевска, мајка на дете со аутизам ја сподели нејзината животна прикзна со читателите на Слободен печат. Таа зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат децата со попреченост.

-Се соочуваме со многу потешкотии почнувајќи од училиштето, постои дискриминација, има бариери кои со години се развлекуваат а проблемот не се решава. И покрај тоа што за оваа тема често се зборува во јавноста, посебно на трети декември, на Светскиот ден на лица со попреченост, ништо не се променува на подобро. Само се отвораат некои врати од кои нема никаков одговор, вели Елена.

Според неа најголем проблем е тоа што нема дневни центри за деца со попреченост.

-Се уште нема дневни центри, нема каде да го оставиме детето со попреченост додека сме на работа. Сите кои што имаме деца со попреченост се снаоѓаме за нивно чување. Полесно би било кога ќе знам дека детето ми е згрижено во дневен престој за кој ќе плаќам симболична сума. Има неколку центри во кои месечно се плаќа околу 12.000 денари. Тоа е премногу за родителите на деца со посебни потреби. Бидејќи, да имаш дете со хендикеп е многу тешко и скапо, вели нашата соговорничка.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во Македонија има вкупно 34 дневни центри за деца и лица со попреченост.

-Во Скопје има вкупно 5 дневни центри за лица и деца со попреченост и тоа Дневен центар  за деца и лица со даунов синдром- Скопје, Дневен центар за деца со оштетен вид на предшколска возраст-Скопје (истиот не функционира), Дневен центар за лица со аутизам-Скопје, Дневен центар за лица со церебрална парализа-Скопје и Дневен центар за лица со ментална или телесна попреченост Железара, велат од МТСП.

Дополнителен проблем за Елена и нејзиниот син Огнен е што немаат личен асистент, општината Ѓорче Петров каде што живеат им доделила само образовен асистент кој е присутен со детето само за време на часовите, но изостанува помошта по часовите, посебно сега, кога поради пандемијата не се во функција дневните престои во училиштата.

Од МТПС велат дека моментално 107 лиценцирани персонални асистенти ја даваат услугата персонална асистенција.

Од општина Ѓорче Петров, каде што живее Елена, ни потврдија дека се справуваат со потешкотии во обидот да обезбедат лични и образовни асистенти.

– УНДП ни одобри средства за девет персонални асистенти. Двајца се откажаа, имавме седум, па се пријави уште едне, сега имаме осум образовни асистенти. Нема интерес поради ниските месечни плати кои им се нудат на асистентите. Никој не сака да работи за 7.000 плата, а при тоа да има факултетска диплома. Но, и да се пријават уште потребните двајца, пак ќе биде недоволно, бидејќи имаме реална потреба за 20 лични асистенти, нѝ изјави Соња Палчевска Ќосева, од секторот за образование во Општина Ѓорче Петров.

Андријана, која е одделенски наставник по професија, трета година по ред е образовен асистент на глувонемо дете. Таа отворено зборува за предизвиците со кои се соочува, обидувајќи се за надомест од 7.500 денари месечно да му обезбеди непречено следење на наставата.

– Трета година по ред работам со исто дете. Детето е глувонемо, нема концентрација и не беше лесно да се воспостави близок контакт и доверба. Првата година бегаше, се криеше од мене, но сега веќе сме многу поврзани. Има напредок, задоволни се и родителите, а и детето е среќно. Сепак, не е лесно да се биде асистент на дете со посебни потреби, некои деца се и агресивни, тешки за соработка. А, паричниот надоместок кој го добиваме за тоа е многу мал, 7.500 денари од УНДП. Не сме пријавени, немаме работен стаж. Доставивме барање до МОН и до претседателот Пендаровски, да бидеме вработени. Од кабинетот на претседателот ни одговорија дека не се овластени по ова прашање, додека од МОН се уште нема никаков одговор, објаснува Андријана.

Образовните асистенти за време на часовите седат со децата, и значително придонесуваат за совладување на наставниот материјал кој е различнен за секое дете со посебни потреби. Но, проблемот се појавува кога поради недоволна мотивираност асистентите се откажуваат од ангажманот, што пак најмногу се одразува на децата.

– Јас не верувам дека образовните асистенти ќе се откажуваат од ангажманите ако добијат вработување. Кога почнавме бевме 15, сега сме седум асистенти.Тешко е да се откажеш од детето, се приврзуваш со него, но кога е во прашање подобра понуда за работа, сите пред се ја ставаат својата егзистенција, вели Андријана.

Кон овие деца се постапува како да се некое нужно зло кое мора да постои, но малку се вложува за да им се подобри состојбата. Во некои ситуации лицата со попреченост можат да работат и да бидат материјално независни. За тие лица, државата треба да се грижи уште додека се деца, да им обезбеди образование, за да можат понатака да функционираат сами, вели Павлевска.

-За каква инклузија на лицата со попреченост зборуваме кога се уште тапкаме во место. Се  уште свеста за децата со попреченост ни е на многу ниско ниво. Се уште слушаме од околината „немој да се дружиш со тоа дете“, се уште постои дискриминација, вели мајката на Огнен, дете со попреченост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот