ВИДЕО: Внесувањето на Бугарите и други етнички заедници во Уставот нема да ги намали правата на другите

Трибина на Цивил: Уставни измени - Исток или Запад? /Фото: Цивил/Дехран Муратов

ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусија на актуелната тема уставни измени со кои во Уставот ќе се внесат граѓаните со бугарско етничко потекло.

Учесници на панелот беа Ерол Ризаов, уредник во Независен.мк, Мирослав Јовановиќ, медиа директор и главен уредник на „Слободен печат“ и Зоран Иванов, уредник. Панелот го водеше новинарот Љубиша Николовски.

На панелот се дебатираше за тоа дали се лажни или реални стравувањата за внесување на Бугарите во уставот, колку се лажни или реални опасностите поради партиски хирови земјата да ги запре преговорите со Унијата, колку е лажно или реално стравувањето дека на земјава и претстои изолација доколку во ноември не ги исполни условите за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ и не отпочне со отворање на тематските интегративни кластери? Лажно или само гол борба за власт се условувањата за негласањето на со рамката договорените уставни промени…

Ерол Ризаов, уредник во Независен.мк посочува кон улогата на медиумите и нивниот придонес кон креирање правилни наративи за придобиките од влезот во Европската унија.

„Медиумите треба да се насочат кон тоа да им објаснат на граѓаните кои се придобивките од Европската унија, односно што ќе добиме или ќе изгубиме ако станеме дел од ЕУ… Придобивките од влез во ЕУ не се да ја замислуваме Европа како голем банкомат кој ќе ни дава пари, туку придобивките се многу повеќе од тоа. Прифаќањето на европските вредности во еден долг процес“, вели меѓу другото Ризаов.

Мирослав Јовановиќ, медиа директор и главен уредник во „Слободен печат“ порача дека внесување на кои било други етнички заедници во нашиот Устав не значи намалување на правата на другите.

„Европската унија е најпросперитетното општество на земјината топка, и ние тежнееме да станеме дел од тој клуб… Давањето на права на одредена заедница јас го гледам како цивилизациска вредност. Внесувањето на Бугарите и други етнички заедници во Уставот нема да ги намали правата на другите“, вели Јовановиќ.

Според него, можеби тие како услов се издејствувани со присила, но ние немаме друг пат и алтернатива.

-По сите параметри, дали станува збор за стандардот, економијата, безбедноста, стабилноста и друго Европската Унија е најпросперитетното општество и ние тежнееме да станеме дел од тој клуб. Има одредени горки пилули, но и од нив не сфаќам зошто се направи голема фама. Што ако им се дадат права на одредена национална заедница? Внесувањето на било која нација нема да ги намали правата на другите нации во Македонија и затоа е неопходно ова да се направи, рече Јовановиќ.

Новинарот Зоран Иванов посочи за неоснованиот страв на граѓаните за губење на идентитетот со внесувањето на Бугарите во Уставот.

„Внесување на Бугарите се само алатка за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Околу 80 отсто од граѓаните стравуваат дека ќе ни го земат идентитетот, но не можат да објаснат како ќе ни го земат“, вели Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот