ВИДЕО: Протест на Србите во Косово, бараат да се укине забраната за увоз на српски производи

Фото: Косовоонлајн

Граѓани од српска националност од северот на Косово, од кои повеќето бизнисмени, протестираа денеска во Северна Митровица со барање да се укине забраната за увоз на стоки од Србија во Косово и да престане нивното запленување од страна на косовските власти.

Како што јави приштинската новинска агенција КосоваПрес, тие покренале и петиција преку која бараат од надлежните органи повторно и непречено да го дозволат влезот на српски стоки во Косово.

Душан Гашиќ, кој се обрати во име на демонстрантите, изјави пред медиумите дека намерата им е да се запрат акциите на заплена на српска стока и ситуацијата да се врати како пред јуни годинава, кога Владата на Косово одлучи да ги блокира стоките со српско потекло во Косово.

„Сакаме да прекинат едностраните дејствија на заплена на стоки. Сакаме да се врати ситуацијата од пред јуни, кога беше донесена ваква одлука за стоките од српско потекло… Сакам да нагласам дека ваквите постапки не им се допаѓаат ниту на граѓаните јужно од Ибер. Пред сè, зборувам за Албанците, рече меѓу другото Гашиќ, при што ја спомена изјавата на еден од функционерите од Стопанската комора на Косово, според кој, како што рече, Косово од оваа блокада досега изгубило стотици милиони евра.

Протестот траеше околу еден час и не се забележани инциденти, а во знак на солидарност со демонстрантите од 12 до 14 часот беа затворени сите дуќани во Северна Митровица.

Владата на Косово на 14 јуни, „од безбедносни причини“, забрани влез на камиони со српски регистарски таблички и увоз на стока со потекло од Србија. Оваа одлука претставуваше одговор на апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили, кои неколку дена подоцна беа пуштени да се бранат од слобода. Во меѓувреме, дозволен е влез на камиони со српски регистарски таблички, но не и промет на српски стоки.

Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, во јуни 2022 година Косово увезло стоки од Србија во вредност од близу 34 милиони евра. Податоците од јуни годинава покажуваат намалување на увозот на српски производи во однос на истиот период лани, поточно вредноста на стоките увезени од Србија во јуни 2023-та изнесува околу 13 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот