ВИДЕО: Одбојкарките на Србија ја одбранија титулата светски шампион

Српските одбојкарки го слават второто светско злато/Апелдорн, Холандија/15 октомври 2022/фото: EPA-EFE/SANDER KONING

Женската одбојкарска репрезентација на Србија ја одбрани титулата светски шампион, откако во финалето на Светското првенство го совлада Бразил со 3:0 (26:24, 25:22, 25:17). За Србија ова е второ злато, а за Бразил четврто сребро. Србинките не само што ја освоија титулата светски првак вторпат по ред, туку тоа го направи без пораз и оваа генерација на одбојкарки покажа дека е навистина посебна.

Србија во првите два сета тргна од негатива. Во првиот имаше многу грешки, кои Бразилките ги искористија и поведоа со 4:1. Но, Србинките брзо се вратија, воспоставија резултатска рамнотежа, а потоа постепено ја преземаа контролата на првиот сет кој го добија со 26:24.

Во вториот Бразилките повторно добиваат голема предност на теренот. Габи сервираше одлично, а јужноамериканската репрезентација стигна до „плус четири“ (6:2). Постепено Србија се враќаше и израмни на 12:12. Но, ниту Бразилките не се предадоа, па уште еднаш дојдоа до големи три поени предност – 16:13.

А потоа на сцена стапува Јована Стевановиќ. Со одлични сервиси, со помош на блокови на Мина Поповиќ и одлични напади на Тијана Бошковиќ, Србија освојува седум поени во низа и доаѓа до пресврт – 20:16. Бразил повторно се врати и влезе во самата завршница од сетот со резултат 22:22. Сепак, Србија со неодбранливите напади на Тијана Бошковиќ врза три поени за освојување и на вториот сет – 25:22.

За разлика од првите два сета, во третиот Србија реши да не стартува од негатива. Избраничките на Даниеле Сантарели со голема концентрација пристапија кон мечот и поведоа со 7:4. Бразил немаше одговор на играта на Србија, а предноста во третиот сет само се зголемуваше која достигна максимални осум поени – 17:9 и до крајот само рутински се одработуваше задачата.

Во победничката селекција повторно одлична беше капитенот Тијана Бошковиќ со 22 поени, а Јована Стевановиќ реализираше 11. На другата страна Ана Каролина да Силва и капитенот Габриела Брага Гимараеш имаа по девет поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот