ВИДЕО | Кристина Арнаудова: Никогаш не можеме да бидеме еднакви со мажите, секогаш ќе бидеме над нив

Кристина Арнаудова - претседател и основач на Проект среќа / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

За нејзиното чувство како успешна и реализирана жена, за тоа како таа го празнува 8 Март, за улогата на мајка и нејзиниот професионален живот, во „Утрински печат“ зборувавме со Кристина Арнаудова, пејачка и основач на здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“.

„8 Март е ден кога жената за првпат ги добила своите права и тоа е многу сериозен празник. Кога бевме мали, нашите баби, мајки и околината многу несериозно го славеа и ние немавме впечаток што е 8 Март. Па јас со текот на годините добив аверзија од денот, и сѐ уште не можам на моите деца да им објаснам што е точно 8 Март и зошто се слави. Не се чувствувам посебно на овој ден, а би се чувствувала така, кога навистина би биле рамноправни. Жените и мажите како биолошки суштества се толку различни, што никогаш не можат да бидат еднакви. Се очекува на пазарот на труд да бидеме еднакви, да работиме еднакво, а од друга страна, нашата биолошка функција, како жени, е сосема друга, да создадеме поколение, да родиме деца, да се грижиме за нив, и во целото тоа време да бидеме еднакви и на работните позиции. Затоа, никогаш не можеме да бидеме еднакви со мажите, секогаш ќе бидеме над нив“ , изјави Кристина.

Во однос на животните улоги, Кристина на прво место ја става улогата на мајка, таа вели дека во животот секогаш треба да имаме приоритети, а нејзин приоритет се децата и грижата за нив.

„Мене најмногу ме промени моментот кога станав мајка, тоа ме промени на секој начин, ментално, емотивно, психички, и како човек и како жена. Наеднаш се почувствував многу поразлично, како да разбрав многу нешта кои што дотогаш не ги разбирав. Затоа, секогаш кога било прашање на избор помеѓу семејство и кариера, јас го одбирам семејството и секогаш ми е на прво место. Верувам во тоа дека треба човек да си го слуша срцето, а мене срцето ми кажува дека јас на прво место сакав да бидам мајка и да бидам тука за моите деца, секогаш со нив, секогаш до нив. Не сакам моите деца да почувствуваат недостаток на мајка, што во мојот случај, кога се работи за естрадна работа, тоа често знае да се случи, ако мајката е многу ангажирана“, вели Кристина за нејзината најважна животна улога.

Со Кристина зборувавме и за работата на нејзиното хуманитарно здружение „Проект среќа“, за кое вели дека е исклучително тешко да се одржува. Сепак, тие зад себе реализирале многу успешни проекти и сѐ уште работат со желба и цел да им помогнат на децата од ранливи категории.

„Во ‘Проект среќа’ имаме годишна програма која ја реализираме и цело време имаме активности. Сите што нѐ следат на нашата фејсбук-страница знаат што се случува во моментот, а најактуелен е проектот ‘Топол оброк за сите’, односно оброк за секое дете во училиште, бидејќи додека го работев проектот сфатив дека имаме мошне малку училишта коишто имаат кујни. Суштината на проектот е ниедно дете во училиште да не остане гладно. За среќа, физичките лица и компаниите ни ја даваат својата доверба, и исклучително и само од донации досега се покриени повеќе од 200 деца од цела Македонија, за цела училишна година. Имаме активности кои ги работиме секој месец и големи проекти како што се летниот камп, школска опрема за секое дете, храна за секое дете. Од оваа година се занимаваме само со проекти што се однесуваат на потребите на децата, на нивното неформално, формално образование и нивните секојдневни потреби“, изјави Кристина за „Утрински печат“.

За ова и многу повеќе од разговорот со Кристина, можете да погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот