ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Арсов: Случајот на Кетлин Фолбиг е тригер дека науката треба да го движи светот напред

Проф. Др. Тодор Арсов / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Македонскиот генетичар проф. д-р Тодор Арсов, чие име посебно стана популарно во светската јавност по неговиот значаен удел во случајот Кетлин Фолбиг од Австралија, осудена на 40 години затвор за „чедоморство“ или убиство на сопствените четири деца, доенчиња, беше гостин во емисијата „Слободен печат“ на Слободна ТВ.

По 20 години одлежани во робија, Кетлин оваа година беше ослободена и тоа благодарение на науката. Тимот на научници, меѓу кои и Арсов, активно работеа на испитување на случајот и дојдоа до откритие дека мајката не е виновна за смртта на ниту едно бебе, туку се работи за тоа дека сите четири деца наследиле генетски мутации и починале од срцеви удари.

Овие материјални докази австарлискиот суд ги прифати и тоа и овозможи слобода на Фолбиг.

– Во светот на науката не е секогаш лесно кога има да се каже нешто ново или нешто различно, тоа не секогаш се прифаќа. Мене лично ме охрабри, ми ја врати довербата дека сепак, кога човек работи е истраен, кога се залага некои работи можат да се постигнат. Науката е еден значаен метод кој може и треба и ќе го движи светот нанапред. Се чувствувам охрабрено дека правдата некогаш може да е задоволена- вели вели Арсов.

Овој случај доби публицитет со широки размери и во научната литература. Стручни списанија отстапија и по неколку страници простор , што не се случило досега.

За научниците процесот на испитување не бил ни малку едноставен. Арсов вели, дека уште на самиот почеток се било многу енигматично и невообичаено, завиткано во различни облици на тешкотии со кои постојано се соочувавале.

-Почнавме со тестирање на мајката, неколку пати бев во женскиот затвор во Сиднеј и се сретнав со Катлин. На средбите разговаравме околку семејната историја и земавме биолошки примероци од неа. Патогената варијанта во КАЛ2 генот ја најдовме кај неа. Тоа беше основа да бараме тестирање на четирите деца. За три од четирите имаше биолошки примероци зачувани од пред 20 години, објаснува Арсов.

За детето што немало биолошки материјал, научниците, проверката ја направиле преку гатриевите картички од новороденечкиот скрининг.

-Секое бебенце кога ќе се роди му се зама од петицата неколку дамки крв на филтерна хартија и од неа потоа може да се испитува во лабараторија, тоа се прави и кај нас. Австралија е земја во која за сe има ред, ништо не се остава на случајност. Во таа земја ги чуваат гатриевите картички од почетокот на скринингот, па повеќе и од 30 години, така успеавме да ја најдеме и картичката на четвртото детенце. Од дамката изолиравме минијатурно количество на крв и со помош на„магијата“ на новите молекуралрни технологиида ја умноживме и да добиеме резултати, вели професорот.

Целото интервју со проф. д-р Тодор Арсов, погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот