ВИДЕО ИНТЕРВЈУ Ана Цветановска и Ставре Јада: Не е лесно да си нордиец во Македонија

Ана и Ставре / Фото и колаж: Слободен печат.

Не е лесно да се биде нордиец во земја како Македонија, каде со скијање се занимаваат малубројните ентузијасти. Во земјите каде скијањето е традиција тоа е сосем поинаку, бидејќи идните шампиони таму со скијањето се запознаваат уште од најмала возраст, а првите совети кога ќе застанат на скиите ги добиваат од своите родители.

Ова го велат македонските репрезентативци Ана Цветановска и Ставре Јада, кои беа гости во студиото на Слободна ТВ. Сепак, иако тие се свесни дека никогаш нема да ги добијат условите какви ги имаат нивните конкуренти од Норвешка, Шведска, Швајцарија и од Австрија, и Ана и Ставре се мошне амбициозни пред стартот на новата сезона.

– Пред нас се уште и подготовките на снег, кои стартуваат во среда. Ќе се подготвуваме на 1890 метри во Ливињо, Италија. Таму ќе се задржиме до 10 декември, а потоа ќе им се посветиме на настапите и на трките што не очекуваат. Прво е трката во Давос, Швајцарија од Светскиот куп. За кратко ќе се вратиме дома во Македонија, за да во новата година продолжиме со настапи. Вкупно пет месеци ќе бидеме во странство, а главен акцент ставаме на Балкан купот – вели Цветановска.

Јада, иако е млад, тој е веќе искусен натпреварувач, па затоа трена да му се верува кога тврди дека е презадоволен од подготовките одработени во текот на летниот период.

– Летниот период помина доста напорно, бидејќи имавме поголем број на ролерски трки. Но, поминавме одлично и можам да кажам дека имавме одлични подготовки во базата во Белмекен, Бугарија, сместена на 2000 метри надморска височина. Многу сум задоволен од досега навежбаното, а сега ќе продолжиме во Италија на снег, со цел да добиеме вистинска подготвка за Светскиот куп во Давос – порача Јада. Тој појасни и дека во текот на летните месеци, нордијците ширум светот се натпреваруваат на специјален тип на ролерки на две тркалца, кои даваат чувство како да се трча на снег. Единствената разлика е во температурата, бидејќи во лето е многу жешко, а зиме е студено. Сепак, резултатите од летните и од зимските трки се бодуваат еднакво и тоа не прави разлика во поставувањето норма за големите натпреварувања.

Скијањето е скап спорт, а двајцата репрезентативци се децидни дека трошоците за подготовките и настапите се целосно покриени од Скијчката федерација на Македонија.

– Скијачката федерација ни го обезбедува патувањето, сместувањето, како и храната. Секако дека ние тоа го оправдуваме со напорните тренинзи и со резултатите – додава Цветановска.

И двајцата се надеваат на победа сезонава во Балкан купот, каде успешниот резултат гарантира настап на секоја трка од Светскиот куп наредната година.

Во продлжение погледнете го целото интервју со македонските репрезентативци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот