Ветувањата за членство надградени со конкретни мерки

Самит Западен Балкан во Тирана/ ФОТО, МИА

Заедништво Унијата ќе се фокусира на проширувањето, но во согласност со методологијата за преговори, што значи постепено членство преку одлуките за заедничко купување енергенси, укинување на роамингот, економскиот план и инвестиции.

Европската Унија ја потврди својата недвосмислена посветеност на перспективите за членство за земјите од Западен Балкан и се залага за забрзување на тој процес, заклучија лидерите на вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан, што се одржа во Тирана.

На самитот, што за првпат се одржа во земја во регионот, учествуваа лидерите од сите членки на Унијата и од шесте земји од Западен Балкан. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ рече дека „на државите од Западниот Балкан им се нуди членство во ЕУ и тоа е причината зошто самитот се одржува во Тирана“. Премиерот на Албанија, Еди Рама, ги пречека гостите – европските и регионалните лидери – со национални албански песни и ора, но и со оперети и модерен танц.

Во македонската делегација, што ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски, беа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Ковачевски на маргините на самитот имаше куси средби со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Со Макрон и со Шолц, кои се наши големи поддржувачи, секогаш имаме конструктивни разговори за европската иднина на Северна Македонија. Разговараме за актуелните процеси во земјава, посебно во делот на почнатиот скрининг процес како и за предизвиците со кои се соочуваме и успешно ги надминуваме“, објави Ковачевски.

Самитот во Тирана требаше да им докаже на земјите од Западен Балкан дека Унијата се фокусира на процесот на проширување и работи на забрзување на приклучувањето, но во согласност со ревидираната методологија за преговори. Тоа значи постепено членство во Унијата преку веќе донесените одлуки за заедничко купување енергенси, потоа преку укинување на роамингот, преку планот за економија и инвестиции. Како добар пример за тоа лидерите во Тирана го навеле креирањето единствен пазар на земјите од Западен Балкан кој што потоа постепено би се интегрирал во заедничкиот.
Во заедничката Декларација од Самитот е наведено дека ескалацијата на руската агреисја врз Украина е ризик за европскиот и за глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста од стратешко партнерство помеѓу ЕУ и Западен Балкан.

Исто така, се поздравува посветеноста на Западен Балкан за демократијата, фундаменталните права и вредности и владеењето на правото. Но, нагласено е дека се потребни одржливи напори за борба против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на поддршката за добро владеење, човекови права, родова еднаквост и правата на малцинствата.

Во Декларацијата, меѓу другите заклучоци, стои и дека партнерите од Западен Балкан треба да се усогласат со заедничката европска надворешна и безбедносна политика, вклучувајќи ги и рестриктивните мерки. ЕУ, исто така, потсетува на важноста на реформите, особено во областа на владеење на правото и независноста на судството.

Регионалната соработка и добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ имаат посебна точка во Декларацијата при што како значајно се наведува спроведувањето на билатералните договори, вклучувајќи ги Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија. „Потребни се натамошни напори за зајакнување на помирувањето и за регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување конечни, инклузивки и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања кои имаат корени од минатото, во согласност со меѓународниот закон и воспоставените принципи“, пишува во текстот.

Се поздравуваат и европските напори за дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и првата средба на Европската политичка заедница што се одржа во Прага. Лидерите потсетуваат и дека пакетот за енергетска поддршка од една милијарда евра во грантови кои што можат да донесат инвестиции од 2,5 милијарди евра ќе му помогне на Западен Балкан за надминување на енергетската криза.

Првата позитивна вест од вчерашниот самит беше договорот што го потпишаа телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и од Западен Балкан за намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот од следната година. Потпишувањето на Декларацијата за роаминг ќе гарантира значително намалување на трошоците за роаминг од 1 октомври 2023 година, а тарифите блиски до националните нивоа на цени се планира да се постигнат до 2027 година.

Декларацијата ја потпишаа десет оператори, речиси сите од регионот освен „Водафон“ и „Ипко“, и најголемите од ЕУ, како „Дојче Телеком“. Според еврокомесарот за проширување, потпишувањето на Декларацијата е токму она реалното и конкретното од интеграцијата на регионот во ЕУ и оти таквите активности дополнително ќе зајакнат наредниот период.

„Тоа е вистинската интеграција на Западен Балкан за која сите се бориме, тоа не е козметичка работа, академска или филозофска идеја туку вистинска работа и ќе го правиме се повеќе и повеќе“, рече еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ.

Пред почетокот на Самитот лидерите се огласија со пораки за поддршка на Западен Балкан и неговото приближување до Европската Унија.

– Среќен сум што сум денеска во Албанија, му благодарам на премиерот Рама за овој важен самит. Во рамките на чешкото претседавање имаме конкретни проекти за разговор. Важно е да има конкретни проекти за енергетиката и процесот на интеграција. Важно е да се работи на понатамошна солидарност. Ќе имаме можност да подготвиме заклучоци за енергијата – изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Чешкиот премиер Петр Фијала, пак, оцени дека успева зближувањето на ЕУ и земјите од Западен Балкана. Како што рече, тоа што средбата по првпат ќе се одржи во регионот, претставува сигнал за поддршка за многу блиските партнери ЕУ. За првпат по преземањето на функцијата и италијанската премиерка Џорџија Мелони, пред почетокот на самитот во кусата изјава за медиумите, рече: „Имаме голема одговорност кон балканските земји“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот