Велкоски: Да ја задржиме добрата атмосфера за тоа што нѐ очекува во март!
Македонската А репрезентација ги продолжува подготовките за претстојните два натпревари против Австрија (16. ноември, „Ернст Хапел“, Виена) и Израел (19. ноември, Национална арена „Тодор Проески“).
Нашиот најдобар национален тим и денеска тренираше на тренинг центарот „Петар Милошевски“, а репрезентативните напаѓачи, а избраниците на селекторот Игор Ангеловски се подготвени за предизвикот во Виена против Австрија и се надеваат на поволен резултат.
Фудбалерот на Сараево, Крсте Велкоски смета дека дуелите против Австријците и Израелците ќе бидат навистина тешки, недостасуваат неколку фудбалери, но се има квалитет да се обидат репрезентативците да освојат што повеќе бодови и да останат на третото место во групата.
– Австрија е многу квалитетна репрезентација, играат одлични натпревари, но наше е да се потрудиме да одиграме на високо ниво и силно да се спротивставиме. Ритамот на игра сигурно ќе биде на максимум, но и покрај отсуството на неколкумина фудбалери мислам дека физички сме подготвени за предизвикот. Со добар резултат од овие два натпревари ќе ја задржиме атмосферата за тоа што веројатно нѐ очекува во март и натпреварот за пласман на Европското првенство – рече Велкоски.
Играчот на Мајорка, Александар Трајковски вели дека се додека има шанса, репрезентацијата ќе се бори до крај. Ова е добра можност да се покаже дека поразот на домашен терен не ја покажува реалната слика меѓу двете селекции.
– Мислам дека сме добро подготвени и одиме да го дадеме нашиот максимум на теренот во Виена. Најважно е сега да се обидеме да ги добиеме овие два натпревари, да се покажеме во најдобро светло, а потоа ќе размислуваме на мартовскиот предизвик од Лига на нации. Во изминатиот период игравме и со послаби и со поквалитетни репрезентации и сметам дека покажавме дека можеме да се носиме со било која селекција – се зборовите на Трајковски.