В сабота во СЦ „Јане Сандански“: Сè е подготвено за концертот на Брега!

Фото: Промо

23 март (сабота) е датумот кога „оној што нема да полуди, не е нормален“… како што вели Горан Бреговиќ, а кој во Скопје доаѓа на големиот славенички концерт закажан во СЦ „Јане Сандански“. Бреговиќ во Скопје, како што најави неодамна, ќе свири добар концерт со неговиот Оркестар за свадби и погреби.

„Ќе биде забавно, ќе свирам сешто – и ново и старо, ќе биде лудо: ‘Кој нема да полуди, тој не е нормален’“, рече Брега во својата видеопорака упатена до македонската публика.

Во Скопје тој ќе свири со „појачан“ оркестар составен од 17 музичари. Ќе се свири сѐ, кога станува збор за репертоарот, а за стартот на свирката ќе бидат задолжени „Леб и сол“, како некогаш во далечната 1977 година. Тогаш „Леб и сол“ и „Бијело дугме“ првпат застанале на иста сцена, и тоа во Скопје, но не и последен, зашто следувале уште неколку заеднички дружби ширум целата поранешна држава. Сега, по речиси 47 години следува реприза, но не како тогаш на Градски стадион, туку во СЦ „Јане Сандански“. 60-минутниот настап на „Леб и сол“ ќе биде своевидно патување низ времето и враќање во далечната 1977 година кога членовите чекајќи го миксањето на деби-албумот за ПГП РТБ, ја добиле понудата да бидат предгрупа на „бандата“ на Бреговиќ.

Скопскиот концерт е славенички зашто е закажан во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните „Бијело дугме“ и е на само еден ден по прославата на 74-тиот роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок-легенда на балканските простори.

Влезниците за големиот солистички концерт во Скопје може да се купат преку https://www.kupikartizase.com/ и на сите нивни продажни места, и тоа по цени од 1.200 денари за партерот, 1.800 за фанпитот, сребрените и златните седишта чинат 1.400 и 1.800 денари, додека влезниците за ВИП-делот се 2.500 денари.

Почетокот на концертот е закажан во 20:30 часот кога на сцената треба да застанат „Леб и сол“. Веднаш по нив ќе следува Брега со неговиот оркестар, и да, можеби репертоарот ќе биде изненадување, но не и журката – таа е загарантирана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот