Уште еден Илинден со повици за обединување и обвинувања за партизирана прослава

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Одбележувањето на 119-годишнината од Илинденското востание и 78- годишнината од Првото заседание на АСНОМ уште еднаш ја потврди поделеноста на македонското општество. Власта во пораките до јавноста од обраќањата на премиерот Димитар Ковачевски од централната свеченост на Мечкин Камен во Крушево, на шефот на државата Стево Пендаровски кој ја предводеше државно-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински”, како и на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ги честиташе двата Илиндена од меморијалниот центар Пелинце уште еднаш повикаа на обединување на европскиот пат, за разлика од опозицијата која ја обвини власта за партизирање на прославата на Мечкин Камен.

– Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Република Северна Македонија. Даваме збор дека илинденската и асномската идеја за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешнината и од неа нема назад, има само напред, порача на премиерот Ковачевски.

Премиерот истакна дека нашата следна цел – Европа, не е само унија на држави, почитувани граѓани, туку таа е вредносен концепт што на ова наше тло е негуван со генерации.

– Во Европската Унија се обединети различни националности, традиции, вери, култури. Таа Европа, ги отвора вратите и за Република Северна Македонија, со признание на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура, коишто се неоспорен факт и со почит кон нашата држава, како пример за мултикултурност – потенцира претседателот на Владата.

Џафери: Се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори

Чествувањето започна со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, а продолжи со низа манифестации во земјата.

– Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои страв дека на тој пат кон ЕУ ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвориме ушите и нема да ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци од генерацијата која на своја кожа ја искусила окупацијата од периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Историската вистина не може да се замолкне ни со договор, ни со протокол – кажа претседателот Пендаровски при доделувањето на одликувања во резиденцијата на Водно.

Собранискиот спикер Џафери рече дека ниту една земја не наишла на поголеми пречки на патот кон членството во НАТО и во ЕУ.

– Во тој процес се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, а тоа никако не беше во полза на државата. Сепак, и во тие лоши времиња на делби, имаше и уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато – рече Џафери во Пелинце.

Мицкоски: Нема промена на Уставот по ниту една цена

Чувањето на Уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се факт, и тоа останува. Нема промена на Уставот под овие околности, по ниту една цена. Народот да биде спокоен, истакна лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во обраќањето од селото Ташмаруништа во Струга.

– Не е виновна ЕУ за ова што денес и се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија или СДСМ – рече Мицкоски.

СДСМ не дозволи народ да присуствува, туку само нивни партиски активисти. Власта го ограничи пристапот до Мечкин Камен на народот кој беше отиден во Крушево да оддаде почит на великаните кои ги се вградиле со своите животи за Македонија, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ од државната прослава по повод Илинден направи партиска забава, со неколку стотина членови на партијата донесени со голем број автобуси кои полупразни тргнаа од градовите ширум државата.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот