Уметничкиот тандем Жмијевски и Алтхамер донираа десет дела на МСУ – Скопје

Полските уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, кои беа ексклузивни гости во Музејот на современата уметност – Скопје минатото лето, донираа десет дела изработени во комбинирана техника.

Возбудливо беше да се посведочи нивниот колаборативен процес на работа – „Отворено студио“ во кој уметниците две недели создаваа дела пред очите на јавноста, а потоа беше отворена нивна самостојна изложба „Полска школа на колаж“. Куратор на проектот беше Владимир Јанчевски – известија од МСУ – Скопје.

Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на луѓето. Токму со таа резолуција и одлуката на Светскиот конгрес на уметници во Њујорк, се повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда.

На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници).

Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, едни од најзначајните европски уметници од својата генерација, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела, соопштија од МСУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот