Убиените Швеѓани во терористичкиот напад во Брисел биле на 70, односно 60-годишна возраст, терористот е убиен, се бараат помагачите

Двајца мажи на возраст од 70, односно 60 години се жртвите на терористичкиот напад во Брисел, а третиот кој е тешко ране и се наоѓа во болница, исто така има 70 години, јавуваат белгиските медиуми.

Белгиските медиуми го пренесуваат соопштение од шведското Министерство за надворешни работи во кое се вели дека 70-годишниот маж живеел во областа Стокхолм, а 60-годишниот живеел во странство. Кај него е пронајден швајцарски пасош, па можно е да имал двојно државјанство на Шведска и на Швајцарија.

Тие беа убиени синоќа околу 19:15 часот во близина на плоштадот „Саинктелете“ во Брисел. Беа облечени во дресовите на шведската фудбалска репрезентација која синоќа играше против Белгија. Местото на нападот е на околу шест километри од стадионот на кој се играше натпреварот и кој беше прекинат по првото полувреме.

Во нив пукал тунискиот државјанин Абдесалем Л., кој и покрај одлуката да го протераат од Белгија пред две години, илегално престојувал во земјата.

Тој ги следел жртвите кои излегле од таксито и потоа отворил оган од автоматско оружје. Третото лице тешко рането било таксист, по што напаѓачот побегнал.

Следеше потрага по него и безбедносната закана во Брисел беше подигната на највисоко ниво.

Во вторникот наутро, по дојава од сведок, полицијата го лоцирала во близина на кафуле во бриселската општина Шарбец. Полицијата интервенирала околу 7 часот и 30 минути, пукала и го ранила осомничениот, кој починал малку подоцна во болница.
Сега и официјално е потврдено дека се работи за лицето за кое државното обвинителство го наведува само името и првата буква од презимето – Абдесалем Л.
Федералното јавно обвинителство повеќе не исклучува можна поврзаност меѓу синоќешниот напад и конфликтот во Израел и Газа како што беше објавено вчера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот