Фото: ffm.mk

У21: Македонските фудбалери ја совладаа Ерменија за прва победа во квалификациите за ЕП

Денеска фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година го запиша првиот триумф во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2027 година.

Избраниците на селекторот Горан Станиќ на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола со 2:1 славеа против селекцијата на Ерменија.

После првото полувреме водеа Ерменците со голот на Ховханисјан во 38 минута по асистенцијата на Хакобјан. Македонските репрезентативци успеаја да направат целосен пресврт благодарение на двата погодоци на Димитар Трајков, кој најпрво во 54 минута, а потоа и во 83 минута ја затресе мрежата на противникот ѝ ги донесе на Македонија толку посакуваните први три бода во оваа група. Воедно, тоа беа и првите два постигнати гола на нашиот тим во овие квалификации.

Македонија го отвори натпреварот солидно, со желба и иницијатива уште од првите минути. По двете прилики на Трајков, една по удар со нога, а друга со глава од непосредна близина, се почувствува дека тимот бара рано водство. Сепак, тоа не се случи. Освен шансите на Трајков, Македонија не создаде сериозна закана во првиот дел. Од друга страна, Ерменија беше сконцентрирана на дефанзива, со повремени обиди преку контранапади. Еден таков напад се покажа како успешен, по асистенција на Хакобјан, Ховханисјан се најде во поволна позиција, пласираше прецизно кон подалечниот дирек и го совлада Џеков. Нашиот тим очигледно не очекуваше ваков развој на настаните и не успеа да се консолидира до крајот на полувремето.

Во второто полувреме Македонија тргна по изедначување и успеа во својата намера. По неколкуте обиди на Меметриза и Данев, Трајков конечно го „проби ледот“, по одлично изведен корнер, напаѓачот на Работнички највисоко скокна на пет метри од голот и со глава израмни на 1:1. Во периодот што следеше, Македонија ја презеде иницијативата и постојано напаѓаше во потрага по победничкиот гол. До него дојдовме на несекојдневен начин, по една дијагонала на Трајков од сопствената половина, упатена кон Зенку, топката непредвидливо одскокна неколку метри пред излезениот голман на Ерменија, Давтјан, го префрли и заврши во гостинската мрежа.

По двата стартни порази од Полска и Италија, ова е првата победа за Македонија во квалификациската група Е. Следниот меч нашите млади фудбалери во квалификацискиот циклус ќе го имаат на 14 октомври во Тузи на гости против Црна Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот