„ТрутЏипити“: Илон Маск најави своја платформа за вештачка интелигенција

Твитер - Илон Маск - Ботови/ Фото Слободен печат Колаж/ ЕПА

Милијардерот Илон Маск најави дека ќе лансира платформа за вештачка интелигенција наречена „ТрутЏипти“ за да се натпреварува со „Мајкрософт“ и „Гугл“ во оваа област. Маск ја критикуваше партнерската компанија на „Мајкрософт“, „ОпенАИ“, која го создаде четбот „Четџипити“, посочувајќи дека во овој случај станува збор за обука на вештачка интелигенција да лаже.

Тој додаде дека „ОпенАИ“ стана затворен извор и профитна организација со блиски врски со Мајкрософт. Тој, исто така, го обвини ко-основачот на „Гугл“, Лери Пејџ, дека не ги сфаќа сериозно безбедносните прашања со вештачката интелигенција.

„Ќе лансирам нешто што ќе го наречам „ТрутЏипити“, односно вештачка интелигенција која се труди колку што е можно повеќе да ја бара вистината и да ја разбере природата на универзумот“, рече Маск во интервју за новинарот на „Фокс Њуз“, Такер Карлсон.

„Мислам дека тоа би можело да биде најдобриот пат до безбедноста – во смисла дека вештачката интелигенција која се грижи за разбирањето на универзумот веројатно нема да ги уништи луѓето бидејќи ние сме интересен дел од универзумот“, додаде Маск, кој регрутира истражувачи за вештачка интелигенција од „Гугл“ да му се придружи во лансирањето на стартап кој би му бил ривал на „ОпенАИ“.

Претходно, Маск и група експерти за вештачка интелигенција повикаа на шестмесечна пауза во развојот на помоќните „Џипити-4“ системи на „ОпенАИ“, тврдејќи дека тие потенцијално претставуваат голем безбедносен ризик.

Маск ги повтори своите предупредувања за вештачката интелигенција во интервју за „Фокс“. Тој истакна дека вештачката интелигенција е поопасна од, на пример, погрешно дизајнирање или одржување на производство на авиони или лошо производство на автомобили. „Тоа има потенцијал да ја уништи цивилизацијата“, рече тој.

„На пример, високо развиената вештачка интелигенција може да пишува неверојатно добро и има потенцијал да манипулира со јавното мислење“, изјави тој.

Во текот на викендот тој на „Твитер“ објави дека разговарал со поранешниот претседател Барак Обама додека бил на функцијата и му рекол дека Вашингтон треба да го охрабри регулирањето на вештачката интелигенција. Маск беше ко-основач на „ОпенАИ“ во 2015 година, но се повлече од нејзините раководни тела во 2018 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот