Трошановски: Притисокот врз Софија доцни, штетата е огромна, а шансите за декември минимални

марко трошановски
Марко Трошановски, аналитичар / Утрински брифинг

Времето до одлуката на 14 декември во Брисел кога е состанокот на шефовите на државите членки на ЕУ е кратко за да се очекува исчекор толку брзо по парламентарните и претседателските избори во Бугарија, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во врска со подгреаните надежи дека следниот месец е можен исчекор, односно Софија да го тргне ветото од преговарачката рамка и Скопје да ги почне преговорите.  

Очекувањата ги крена холандскиот премиер Марк Руте кој при посетата во Скопје рече дека Македонија треба да ги почне преговорите во декември, како и писмото што францускиот претседател Емануел Макрон им го испратил на амбасадорите во членките во ЕУ со барање интензивно да работат на тоа Скопје и Софија да го решат спорот до 14 декември, а Скопје и Тирана да ги почнат преговорите со Брисел до 31 декември.

– Неможноста да се направи влада и потребата од коалиција за мнозинство повторно ќе предизвика остра дневно-политичка реторика таму и во тие околности не е за очекување да се повлечат непопуларни потези и да се прават отстапки, особено што политичките партии се условени од Декларацијата од нивниот парламент со која ги утврдуваат позициите кон нас. Малку е веројатно дека во декември ќе дозволат почеток на преговорите и покрај тоа што притисокот од западните сили е зголемен. Предоцна е за тој притисок и веќе е направена огромна штета од бугарската блокада – штетата кај нас со моментната политичка криза, штетата во билатералните односи и во односните меѓу сегашната генерација граѓани во двете земји, како и штетата што се нанесе на довербата на граѓаните во европскиот процес, каде бројките се преполовени – вели Трошановски за „Слободен печат“.  

Доколку преговорите сепак почнат, агонијата ќе продолжи, додава тој.

– Ајде да речеме и да има почеток на преговорите, верувам дека тоа би било колку да се случи, за впечаток. Агонијата ќе продолжи во текот на самите преговори, без разика дали билатералниот процес на разговори меѓу Скопје и Софија ќе се одвива во рамките на Процесот на стабилизација и асоцијација или не. Може да се отворат преговорите само колку да се отворат, но така тие ќе ја изгубат трансформациската моќ во општеството, а ние од тој процес нема да сме во добивка, туку само ќе чувствуваме фрустрации – вели Трошановски.

Во врска со иницијативата на Макрон тој вели дека Франција не сопре кога беше најбитно да ги поченеме преговорите, а сега е неизвесно колку ќе продонесе.

– Франција нема значајно политичко влијание во регионот, ниту економски интерес. Останува и да видиме колку навистина реално ќе се ангажираат. На пример, стратегијата на француското МНР за Западен Балкан што ја најавија пред две години, уште ја нема – вели Трошановски.

Писмото на Макрон на некој начин денеска го потврди поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој меѓу редови најави можна деблокада.

– Европската Комисија ќе не понижи да ја ослободиме Република Северна Македонија да почне со преговорите за влез во европското семјество поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев. Не гледате што кажа Емануел Макрон дека до декември Скопје треба да ги почне преговорите. ЕК ќе не принуди да отстапиме од нашите ставови и тоа поради Радев – рече Борисов на бугарската Нова ТВ, чија ГЕРБ има највисок рејтинг пред гласањето во недела, но се проценува дека нема големи шанси да  формира влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот