Тринаесет милиони евра директна поддршка од Владата за сите 80 општини

Предвидено е дури еден отсто од БДП секоја година да се издвојува за подобрување на благосостојбата на регионите и намалување на регионалните нерамномерности.

Градоначалниците на сите 80 општини во земјава добија „новогодишна честитка“ од околу 13 милиони евра за 129 проекти од буџетската Програма за рамномерен регионален развој, објави порталот „Рацин.мк“.

Ова е директна поддршка за општините за конкретни проекти, кои треба да го подобрат животот на граѓаните во урбаните и рурални средини. Целта е да се намалат социо-економските разлики и да се намалат разликите во квалитетот на животот меѓу градот и селото.

„Се надевам дека овие финансиски средства за секој поединечен проект, максимално одговорно и совесно ќе ги искористат. Заедно треба да градиме инклузивна и одржлива иднина за сите наши сограѓани во државата, да создаваме можности за просперитет кој нема да познава граници“, изјави вицепремиерот задолжен за координација на економските ресори Фатмир Битиќи.

Проектите се распределени во четири групи – за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност; проекти за подрачја со специфични потреби; проекти за развој на селата од Програмата за рамномерен регионален развој и проекти за развој на урбани подрачја.

Околу 440 милиони денари, или нешто повеќе од седум милиони евра, се наменети за 29 регионални проекти кои ќе се реализираат преку осумте плански региони, додека 360 милиони денари се наменети за 100 локални проекти кои ќе се реализираат преку единиците на локалната самоуправа. Целта на Владата е подобрување на рамката за финансирање на општините, но и зголемување на нивните надлежности, со висок степен на автономија.

За финансирање на проекти за развој на села Владата одобри 120 милиони денари за 39 проекти, кои ќе го забрзаат руралниот развој и ќе допринесат во премостувањето на јазот меѓу градовите и селата, пишува порталот „Рацин.мк“.
Предвидено е дури еден отсто од БДП секоја година да се издвојува за подобрување на благосостојбата на регионите и намалување на регионалните нерамномерности.

Заради ефикасно следење и спроведување на политиките за рамномерен регионален развој, Владата ја имплементираше дигиталната алатка „Сирера“ за целосна транспарентност и отчетноста на институциите и за точен преглед на сите инвестиции кои произлегуваат од националниот буџет и се инвестираат на регионално ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот