Трамп го обвини Бајден за нападите врз американските војници во Јордан

Доналд Трамп / Фото EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера тврдеше дека „слабоста и предавањето“ на претседателот Џо Бајден се виновни за смртоносниот напад со беспилотно летало во Јордан во кој загинаа тројца американски воени лица.

Во објавата на Трут Соушал, Трамп се осврна на, како што рече, „дрскиот“ напад со беспилотно летало во Јордан во саботата.

„Нападот со беспилотно летало врз американска база во Јордан, во кој загинаа тројца американски воени лица и многу други беа повредени, означува ужасен ден за Америка. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на храбрите војници што ги загубивме. Ги замолувам сите Американци да ми се придружат во молитвата за ранетите. Овој дрзок напад врз Соединетите држави е уште една ужасна и трагична последица на слабоста и предавањето на Џо Бајден“, напиша Трамп.

Во посебна изјава објавена од кампањата на Трамп во неделата, поранешниот претседател го пофали неговото однесување со Иран додека беше во Белата куќа.

„Пред три години Иран беше слаб, банкротиран и целосно под контрола. Благодарение на мојата политика на максимален притисок, иранскиот режим едвај собра два долари за да ги финансира своите терористички сојузници“, напиша Трамп. „Потоа дојде Џо Бајден и му даде на Иран милијарди долари, кои режимот ги искористи за да шири крвопролевање и масакр низ Блискиот Исток.

Напади врз американските војници на Блискиот исток се случуваа повремено во мандатот на Трамп, вклучително и во 2020 година, кога во ракетен напад врз воздухопловна база во Ирак загинаа двајца Американци и еден британски државјанин. Во нападот беа ранети и повеќе од 11 лица.

Трамп постојано го обвинуваше Бајден дека е „слаб лидер“ и тврди дека другите светски конфликти се поврзани со светската перцепција за претседателот и за САД како слаби.

„Овој напад НИКОГАШ немаше да се случи ако јас бев претседател, исто како што никогаш немаше да се случи нападот на Хамас поддржан од Иран, никогаш немаше да се случи војната во Украина и сега ќе имавме светски мир. Наместо тоа, ние на работ на Трета светска војна“, напиша Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот