фото: Brera Strumica

Тодоров: Сите во Брера посакуваме да „проработиме“ токму против Вардар

АП Брера не го стартуваше резултатски добро новото првенство во Првата македонска фудбалска и забележа два порази, од Силекс во Кратово (5:0) и од Пелистер во Струмица (1:2), но струмичани се надеваат дека многу брзо ќе влезат во подобар ритам и дека ќе стигнат до првите бодови.

Третото коло од Прва МФЛ за АП Брера носи нов голем предизвик, денешно гостување на Националната Арена „Тодор Проески“ и дуел со Вардар од 20.00 часот. Ќе биде тоа големо искушение, но играчот за врска Миле Тодоров вели дека може и позитивна пресвртница:

– Ги оставаме зад нас двата порази и се фокусираме на следниот дуел. Вардар е квалитетен тим, го покажа тоа на почетокот на првенството со две победи, а ние сме во спротивна ситуација. Но, тоа не значи и дека ние лесно ќе се предадеме или дека немаме шанси да освоиме бод или три. Сите посакуваме да „проработиме“ токму против Вардар, да одиграме квалитетен меч и да останеме непоразени. Работевме напорно овие неколку дена, го анализиравме ривалот и сигурно дека ќе се надигруваме на нашиот најголем стадион – вели Тодоров.

Вардар во првите две кола го покажа квалитетот, ги најави нескриените амбиции за највисок пласман со две победи, против Пелистер дома (4:1) и на гостувањето во Кавадарци против Тиквеш (1:2). Голманот на Вардар, Давор Талески смета дека не треба да се потцени гостинот од Струмица:

– Не смееме да го потцениме тимот на Брера. Тоа не смее да се случи и покрај лошото отворање на сезоната од страна на Брера. Ние одиме од натпревар во натпревар. Добро одигравме во првите две кола, но тоа не смее да нè опушти. Мора максимално да се фокусираме, да влеземе многу сериозно во мечот и да бараме победа. Имаме добра низа на резултати и ќе се обидеме серијата да трае. Наша цел е титула и затоа секој меч ни е важен. На тој начин и се подготвуваме – се зборовите на Талески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот