Точак, копија и ветувања

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Дознавме дека Бајден на Борис му подарил велосипед. Нашиот премиер е познат ентузијаст за возење точак, па доби специјално направен, по мерка на БоЏо, прекрасен модел со сите нишани, вреден над 6.000 фунти. А што доби за возврат?

Собирот на богатите на брегот на Корнвол, прекрасен дел од Обединетото Kралство, на фотографиите изгледаше идилично. Сите дотерани, намирисани, пријателски расположени едни кон други. Се гушкаа, се тапкаа еден со друг, си даваа комплименти. Еден од ѕвездите на настанот беше Вилфред, синчето на британскиот премиер со неговата тазе невеста (во британски стил, прво дете, по свадба), официјално, седмиот потомок на Џонсон, кој ги забавуваше и сопругите на гостите и Меркел.

Другата во улога на главна, беше Кралицата Елизабета Втора, која овој пат очигледно уживаше во улогата на домаќинка на најмоќните луѓе на светот и ја искористи можноста да го праша американскиот претседател Бајден што се случува со Владимир Путин и со Ким Јонг Ун. Деведесет и пет години ама ум како рендген. Ах, да бев на чајанката во некое ќоше, па да слушнев што ѝ кажал Бајден за овие двајца на жената за која рече дека го потсеќала на неговата мајка, па бил искрен, ѝ кажал сѐ и имале многу фин муабет.

 

Муфте копија

 

Плус си разменија и подароци. Што и како си дадоа со кралицата во Бакингемската палата не знам, ама дознавме дека Бајден на Борис му подарил велосипед. Нашиот премиер е познат ентузијаст за возење точак, па доби специјално направен, по мера на БоЏо, прекрасен модел со сите нишани, вреден над 6.000 фунти. А што доби за возврат? Бајден? Овој нашиот, познат и по тоа дека не сака да троши свои пари, односно дека уште го чекаат во „Дејли телеграф“ каде што работеше да ги чести кафе (ова од околу, да не кажам дека е циција), му подари фотографија од мурал на Фредерик Даглас, аболиционист од 19 век, ама – испечатена од Википедија, каде што може да испечати кој сака! А Борис, ете, сакаше.

И така, пиеја чај, јадеа деликатесни производи – од морски плодови, јастози и школки и  велшко јагнешко и шкотско јунешко и вина и виски и слатки. Додуша, го немаше тука Трамп да ги засмејува со измислените „факти“, да ги изненадува со претераните изјави, грубо и без пардон да ги турка за да биде меѓу првите на фотографиите и да го крши протоколот, што на извесен начин се закануваше да го направи состанокот на седумте најбогати нации, Г-7 дури малку и здодевен. Ама тука беше Борис Џонсон. Каков и да стави костум, делува истуткано и неуредно, а редовно, каде што е тој, таму има и случувања.

Додека гостите на брегот се гостеа со деликатесна храна и пијалаци, организира забава во вид на прелет на авиони на британската авијација со лупинзи. Небото беше прошарано со разни бои. Дали тоа беше потсетување дека треба да разговараат за аеро загадувањето? За климатските промени? Попусто потсетувањето. Разочарани останаа и екологистите и сите оние што се надеваа дека богатите ќе направат поголем исчекор за спас на планетата и глобална правда.

Немам намера да го споредувам со бившиот другар преку барата, ама дека имаат нешто заедничко, имаат. На пример, во нашиот, англиско/британски случај, честото несогласување со вистината. И неисполнетите ветувања. Или, подобро речено, најновиот пример, зашто нема да биде последен,  ќе има уште, гарантирам. Пред самитот вети дека „собирот ќе биде запомнет по тоа што ќе го вакцинираме сиот свет“. Имаше ветувања и за Кина и за природата, а проблемот со ЕУ и Северна Ирска уште, па како да кажам – „зјае“. По самитот излезе дека светот малку ќе почека. Завршното коминике не содржеше јасна временска одредница за искоренување на емисиите од јаглен, понуди само една милијарда дополнителни коронавирус вакцини за најсиромашните земји во следните 12 месеци и не донесе никакви нови ограничувачки препораки за да се излезе на крај со кршењето на човековите права во Кина. За Северна Ирска и расправијата со ЕУ, и покрај прекорот на американскиот претседател Бајден, сѐ се сведе на тоа дали Европејците (читај Французите) почнале да мрчосуваат за британските колбаси што се извезуваат на континентот. А не дека брегзитот за Северна Ирска вети едно, а не испорача.  Бог да чува и да брани! Велам, останете со нас, ќе гледаме сѐ и сешто тука, не само колбаси…

 

Одложена слобода

 

На домашен терен, неодложливиот ден на конечното олабавување, ослободување, кревање на сите ограничувања поврзани со мерките за ковид-19, што требаше да се случи на 21 овој месец – се одложи. За четири недели. И сега ќе биде конечно конечен. Барем до 19 јули. За Англија. Причината е делта видот на ковид-вирусот кој стана доминантен во земјата во последните неколку недели и се шири многу брзо – во моментот се удвојува секои седум до десет дена. На заразените со вој вид изгледа дека повеќе им треба болничко лекување од претходните видови и бројот на болните почна да се зголемува. Денес има околу 1.000 луѓе во болница во потврден ковид -19 во Англија, 160 од нив на вентилатори. До денес, 57 отсто од населението во Британија има примено две дози ковид-вакцина, но околу 4,5 милиони уште немаат развиено оптимална имунитетна заштита.

Многумина овој вид, оправдано или не, го нарекоа и Џонсон вид, затоа што владата на премиерот дозволи во екот на пандемијата во Индија, кога таму луѓе умираа на улиците и пред болниците, во Британија да пристигаат авиони со над 20.000 луѓе, кои потоа се рашетуваа без карантин.

Ретка орхидеја за која се мислеше дека е исчезнат вид во земјата, се појави во градина на еден покрив, во центарот на бизнис-делот на Лондон, Сити. Малечката расцветана јазичеста орхидеја, Serapis parviflora, не беше видена во Британија од 2009 година. Обично овие цвеќиња ги има во  Медитеранот и кај брегот на Атлантикот на Шпанија, Франција и Португалија. Не е познато како стигнале ретките малечките орхидеи до покривот на банката „Номура интернешенел“. И што баш на банката? Како ја откри токму банката? Ги намириса ли парите? Ах орхидејче,  орхидејче, техничарче… Познат екологист тука кажа дека  благиот јужен ветер  од Европа ги оддувал семињата преку каналот Ла Манш. Во комбинација со поволните сувите услови, од климатските промени, се создала поволна симбиоза со локалните услови. И сега сите и се восхитуваат на оваа малечка колонија.

Брегзит или не, убави работи доаѓаат од Европа.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот