Тина Иванова ја обвинува министерката за култура за тортура: Ме разреши поради непослушност, а не заради несовесно работење во Филхармонија

Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија / Фотографија: Маја Аргакијева

Довчерашната директорка на Националната установа Филхармонија на РСМ Тина Иванова испрати јавно обраќање по повод нејзиното разрешување од работната функција директор. Иванова нагласува дека нејзиното разрешување не е поради несовесно работење како што наведува министерката за култура, туку поради непослушност откако целиот колектив на Филхармонијата не му дозволи на новоформираниот Национален Џез оркестар да се всели во нивниот објект.

-Единствената причина за разрешувањето е фактот што како директорка, на грешната и неодржлива одлука на министерката, застанав на страната на колективот и на страната на институцијата. Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет се до вчера ги испраќаше во филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да и го испорачаат од неа бараниот материјал и истите НЕ утврдија никакви неправилности во моето и работењето на работењето и на институцијата, пишува Иванова.

Таа нагласува дека во Филхармонија во изминатиот период се испратени Трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници и вработени во Министерството за култура.

-Станаа редовни посетители во нашата институција и се праќаа дури и по неколку пати за да „копаат” работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност. Патем, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста. Со ова разрешување и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само ми потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег, нагласува Иванова и додава:

-Во оваа прилика, јавно изјавувам дека се уште цврсто стојам на својот тогашен став, и уште еднаш и со ова јавно обраќање, ја потврдувам својата поддршка кон оркестарот, колективот, целата институција од каде што всушност, на јавен конкурс, и бев избрана на одговорната работна работната позиција директор. После месеците буквално тортура врз мене и колективот од страна на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, на некој начин разрешувањето ми претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за мојот урбан културолошки карактер, реагира Иванова.

Тина Иванова на новото раководство на Филхармонијата на чело со новоназначениот директор им посака успешна сезона, а на вработените благодарност за четиригодишната кооперативност и посветеност, а на Национален оркестар натамошна афирмација, на директорите на другите културни институции им испрати силна поддршка да истраат во борбата со ветерници, затоа што, вели: „ваков пандан на декултурализација на нашата национална култура немало никогаш во поновата историја на Македонија“.

Возврати Министерството за култура

Министерството за култура по отвореното писмо кое го испрати Тина Иванова, реагираше со појаснување за причините за нејзиното разрешување од директорката позиција.

-По извештајот од извршениот увид на Комисија од Министерството за култура, на 6 септември 2023 г., во документацијата на НУ Национална филхармонија и констатираните бројни законски повреди и неусогласености во работењето, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донесе одлука за разрешување на директорката Тина Иванова. Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор. Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија, соопшти Министерството за култура.

Од истите причини, поради несовесно поставување и непоречување на несовесно постапување се разрешени и членовите на Управниот одбор од страна на министерката Костадиновска-Стојчевска.

– Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата, стои во реакцијата на Министерството за култура.

Инаку за в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.

-Министерството за култура ги отфрла сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, како целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити. Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и , како врвна национална установа, мора да биде водена професионално, децидни се од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот