Темата со државјанствата ја покажа немоќта на ДУИ во власта, тврди опозицијата

Замена на македонските пасоши/ Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Од Алијансата за Албанците велат дека течат роковите за разгледување на нивните измени на Законот за државјанство, но комисиската расправа се опструирала

Волја за измена на Законот за државјанство најави и власта, но со предлог-текст поднесен од страна на Владата. Потегот следува откако челниците на Министерството за внатрешни работи открија дека е дадено негативно мислење за измените што веќе ги скрои Алијансата за Албанците и се наоѓаат во собраниска процедура, а министерот Оливер Спасовски ги оквалификува како „политички памфлет“.

Предлозите на АА за стекнување државјанство се несфатливи, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Сепак, од ДУИ тактизираат во однос на прашањето чии измени се поприфатливи, оние на Владата или оние на опозицијата.

Функционери од партијата од Мала Речица велат дека остануваат на ставот на спикерот Талат Џафери, кој претходно изјави дека предлозите на Алијанса се прифатливи и ќе добијат поддршка од пратениците од редовите на ДУИ, но воедно додаваат дека за нив треба дебата, исто како и за мислењето на МВР. Во оваа насока, за дел од медиумите и заменикот министер за внатрешни работи, Назим Буши потврди дека Владата ќе поднесе барање за измени на Законот за државјанство, на кои ќе работат експертски работни групи.

Од Алијансата за Албанците, пак, остануваат на ставот дека нивните измени во Законот за државјанство е неопходно да се усвојат што поскоро, особено што наближува и терминот за спроведување на попис.

– Во очекување сме да започне дебатата во Комисијата, но гледаме дека работата се опструира. Ние сме отворени за разговор и има простор за амандмани за предложениот текст. Ќе видиме што ќе предложи Владата, но секако нашите измени се веќе влезени во собраниска процедура и не може таа процедура да трае вечно, постојат рокови. Што се однесува до ДУИ, со самата претходна најава дека ќе ги поддржат нашите предлози се покажува нивната немоќ, бидејќи имаат петнаесет гласови во Собранието, а не можат да лобираат кај партнерите од парламентарното мнозинство, изјави пратеникот на Алијансата, Сурија Рашиди.

ДУИ и Алијанса во коалиција за измените за стекнување македонско државјанство

Од друга страна, од ДУИ тврдат дека товарот на процесот единствено паѓа на плеќите на предлагачот.

-Одговорноста да се обезбеди мнозинство при носењето некој закон, паѓа на предлагачот. Така предлагачот ќе ги покаже своите капацитетите за решавање на проблемите на граѓаните. Така е и во овој случај со предложените измени на законот за стекнување државјанство, реагира Артан Груби од ДУИ.

Засега е непознато кога Владата би ги поднела измените за стекнување на македонско државјанство за апатридите кои живеат во државата и не ги користат граѓанските права. Со олеснета процедура до македонски пасош можеше да се дојде во 1992 година за лицата кои останаа на територија на Македонија по распадот на Југославија, како и во 2004 година, а тогаш можноста ја искористија голем дел бегалци по кризата во Косово. Точна бројка колку се лицата без државјанство во земјава нема, но неофицијално се далеку помалку од бројката со која во периодов се шпекулираше – дури 70 илјади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот